Повеќе бегалци отколку домашни
24 март 2016Во уличките на Килис врие како во кошница. Во стариот град, една до друга се нижат мали продавнички: казанџии, кројачи, фризери. 19-годишната Зејнер, Курдка од Алеп, продава женска долна облека и делува како да се помирила со својата судбина. Пред 3 години од бомбардирањето побегнала во овој турски пограчен град.
Популацијата повеќе од двојнo зголемена
„Животот тука всушност е многу добар“, вели таа, „но кога би можела да се вратам дома, веднаш би ја бакнала земјата. Бидејќи, кога овде во Килис ќе удрат бомбите од Сирија, тукашното население не обвинува нас бегалците. Тоа боли.“ Минатата недела, Килис го погодија три ракети. Убиени се едно дете и една жена. Килис е оддалечен само 20-тина километри од границата со Сирија, а таму почнува територија која ја контролира Исламска држава.
Од избувнувањето на граѓанската војна во Сирија, жителите на Килис се зголемија повеќе од двојно. Покрај првобитните 100.000 турски жители, градот сега стана дом за околу 130.000 бегалци. Многумина се тука веќе неколку години, некои само неколку месеци. 45.000 од нив живеат во бегалски камп, а останатите најдоа приватно сместување.
Градоначалникот: „Бегалците се наши гости“
Градоначалникот на Килис, Хасан Кара, вели дека бегалците се „гости“, со кои жителите делат сѐ што имаат. Ние му веруваме. Но, тој истотака признава дека не е лесно да се примат толку многу луѓе од Сирија. Не се работи само за инфраструктура и водовод, кој е проектиран за половина од сегашната популација. Сириските бегалци по многу работи се разликуваат од Турците, вели Кара.
Така на пример, сите сириски жени, дури и малите девојчиња, на главите носат марама, а има многу и во бурки. Сиријците не зборуваат турски, а во Килис не се зборува арапски. Достапните станови станаа реткост, а турските граѓани на Килис се лутат што нивните, главно невработени сириски соседи, се забавуваат до доцна во ноќта, додека тие рано наутро мораат да одат на работа.
Меѓутоа, поголем проблем е тоа што со сириските бегалци во градот е дојден и архаичен начин на живот. Родителите во бегалскиот камп, бараат девојчињата и момчињата да одат во одделни оделенија. Во Турција е тоа необично, но управата на Килис сепак се согласи да им го дозволи тоа.
Што сѐ Килис и неговите жители прават за бегалците, јасно се гледа во кампот кој е изграден пред портите на градот. Веднаш зад џамијата, се нижат уредни, светли контејнери, означени со имиња на улици и броеви. Облека се виори на јажиња. Една баба се обидува да одгледува растенија во зарѓани конзерви. Еден дедо ужива во пролетното сонце. Дечиња седат во градинка и цртаат, повеќе од 2.000 деца одат на училиште. Тука има и амбуланта, медицинската нега е секако бесплатна, а во супермаркетот полиците се исполнети до врв. „Да“, вели проседиот учител од Алеп, „добро е тука, но и малку скапо. Да може, би се вратил дома.“
Контејнери за над 10.000 бегалци
Но, враќање во Сирија засега е невозможно. Кога бегалците го напуштаат Килис, речиси сите сакаат да одат во Германија. Многумина не слушнале за договорот меѓу ЕУ и Турција. А и ако слушнале, тоагаш тие кои и понатаму сакаат да одат, се надеваат дека некако ќе најдат начин да дојдат во Германија или некаде во западна Европа.
Во меѓувреме, Килис е подготвен да преземе и до 10.000 нови бегалци. На крајот на градот на бегалците, подготвена е нова населба со контејнери. Меѓу останатите, за оние кои наскоро ќе бидат вратени од Грција. Сите бегалци кои од 20. март стигнале во Грција и не се во можност да докажат дека се прогонети во Турција, мораат да се вратат. „Договорот со ЕУ во принцип е навистина добар“, вели дипломатски Кара „но ако не запре војната во Сирија, нема ништо да донесе.“
Турско државјанство како опција
Да се прашува тој бегалците би требало да останат во Килис. одовде можат многу бргу да се вратат во сопствените куќи еднаш кога војната ќе заврши. Но колку подолго таа трае, поголема е веројатноста дека голем број од вкупно 2,7 милиони сириски бегалци засекогаш ќе останат во Турција. По пет години можат да земат турско државјанство. За тоа можат да му се заблагодарат на РеџепТаип Ердоган. А тој ним, бидејќи така ќе добие нови гласачи, се говори во Килис.
Можеби турското државјанство е опција и за Зеинеп. Еден ден. Најнапред, вели,би сакала конечно да се заљуби. Тоа можеби била и причината за останување во Килис. Во Германија ионака не сакала да оди. Сириските бегалци таму не се толку добредојдени. Тоа го чула на турската телевизија.