Петиција против вести на турски јазик во Бугарија
20 август 2009Повеќе од 12 илјади потписи собрани за три дена - тоа е резултатот од акцијата органзицирана од „Партијата на бугарските мажи“ во Варна. Потписите се против емитувањето вести на турски јазик преку јавниот радиодифузен сервис. За да го дадат својот потпис многумина стоеја во ред на топлото летно сонце, што го радува иницијаторот Розен Марков. Тој потписите ќе и‘ ги испрати на шефицата на националата телевизија. Доколку вестите на турски се емитуваат и по 10 ноември, тој се заканува дека ќе ја блокира зградата на телевизијата во Софија.
Марков иницираше дискусија, која жестоко се води преку стотици интернетфоруми и блогови. Главен аргумент на противниците е тоа што, според бугарскиот закон за медиуми, програмите на радиото и на телевизијата треба да се емитува на официјалниот јазик на државата, значи на бугарски. Вести на турски јазик се емитуваат преку националната телевизија од 2000 година.
Зошто токму сега се разговрува дискусијата?
По парламентарните избори во јуни некои работи се променија, партијата на бугарските Турци „Движење за права и слободи“, за првпат по осум години не е во владата. Многумина Бугари сметат дека оваа партија не се залагала доволно за инеграцијата на малцинствата, но затоа најдобро ги опслужувала интересите на некои корумпирани партиски елити. Премиерот Бојко Борисов сега проверува, дали и натаму треба да се емитуваат вести на турски јазик пеку телевиизјата. Уште пред изборите тој вети дека нема да има дискриминација на Турците, туку дека ќе преземе мерки против корумпираните политичари од партијата „Движење за права и слободи“ .
Познатиот бугарски социолог и антрополог проф. Ивајло Дичев смета дека е проблематично што токму сега се води дискусијата „Постои ризик да се создаде опасна констелација. Моментално се испитуваат обвинувањата за корупција во партиските елити на ’Движењето за права и слободи’. Доколку судот утврди дека се виновни, кај многумина би се создал впечаток дека постоела некаква поврзаност меѓу турското население и криминалот. Затоа апелирам до владата, да одбере друго време за носење одлука.“
Во редакцијата каде што се подготвуваат вестите на турски јазик, не веруваат дека владата ќе ги укине вестите. Исет Исаилов истакнува: „Една таква одлука нема да зависи од директорот или советот за медиуми, туку само од оние што се на власт. Тоа би било чисто политичка одлука.“
Новиот премиер Борисов имено пред само неколку месеци ја шокираше јавноста со изјавата дека принудното преименување на Турците во Бугари на крајот на 80-те години, воопшто не било погрешно туку само лошо спроведено. Тој не ја одбива ниту идејата на националистичката партија „Атака“ за воведување на спомен ден за бугарсктие жртви кои паднале во борбата со османлиските владетели. Но, за овој предлог ќе донесе одлука по јавната дискусија.
Автор: Бистра Зајлер / Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска