Пет години самостојност на Црна Гора
3 јуни 2011Црногорскиот новинар Зоран Радуловиќ уште во 1991 година, кога поголемиот дел од републиките од поранешна Југославија прогласи независност, се залагаше по тој пат да тргне и Црна Гора. Наместо тоа, Црна Гора единствена остана со режимот на Милошевиќ во Белград, а во 2003 година беше напишано последното поглавје на бившата заедничка држава. Црна Гора се согласи на „заедница“ со Србија, но под услов Црногорците за три години да решат дали сепак сакаат сопствена држава. И покрај притисоците и недовербата кон Србите во Црна Гора, во мај 2006 година граѓаните се изјаснија за самостојност, која беше официјално прогласена на 3 јуни 2006 година.
Одлуката сепак беше правилна
Радуловиќ и денес смета дека одлуката за независност била добра: „Мислам дека тоа беше добар чекор. Не очекував никакви радикални промени, но сигурно не и дека состојбата во црногорската политичка сцена ќе остане замрзната“.
Црногорскиот новинар притоа пред се‘ мисли на „вечниот“ Мило Ѓукановиќ. Тој како премиер или како претседател се наоѓа на чело на државата уште од 1991 година, а дури по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во Белград почна и самиот да размислува за независност на Црна Гора.
Ѓукановиќ остави печат не само на две децении од црногорската политика, туку беше инволвиран и во црни бизниси- против него Италија водеше истрага поради сомневање за учество во организиран шверц на цигари. По неговата оставка од премиерската функција во декември 2010 година, тој остана шеф на владејачката Демократска партија на социјалистите, а премиерското место му го отстапи на Игор Лукшиќ.
Неспорни успеси во изминативе пет години
Експертот за Балкан од Друштвото за Југоисточна Европа од Минхен, Хансјерг Бреј, истакнува:
„Црногорците можат да бидат задоволни со постигнатото во последните пет години независност“.
Земјата има стабилна влада, а и покрај почетните напнатости меѓу Србите и Црногорците, ситуацијата не само што не ескалираше, туку се чини дека разликите почнуваат да се намалуваат.
Според Бреј, и на економски план Црна Гора може да се пофали со успеси. Нејзината перспектива за членка на ЕУ привлече инвеститори, а во 2007 година земјата постигна завиден економски раст од 10,7 проценти. Економскиот бум во Црна Гора е видлив на секој чекор, во Земјата инвестираа Европејците и Русите, пред се‘ во областа на туризмот. Економската криза и овде меѓутоа предизвика проблеми, во 2009 година имаше назадување од околу пет проценти во развојот, но Бреј оценува дека оттогаш Црна Гора донекаде се опорави.
Не е се‘ толку розово
Кога станува збор за економското закрепнување, црногорскиот новинар Радуловиќ не го дели позитивното мислење какво што владее во странство. Тој ни сега не гледа доследна развојна политика од страна на Подгорица, иако признава дека во минатите пет години тука се вложени меѓу 3,5 и 4 милијарди евра, што за земја со 600 илјади жители се огромни пари:
„Тие пари се како песок, поминаа низ рацете и исчезнаа некаде. Каде и како, никој не зане. Верувам дека голем дел од тоа претставува класично перење пари, значи тие само поминале низ Црна Гора за да се легализираат“.
Сепак, Црногорците и странските експерти веруват дека Црна Гора е на добар пат, што важи и за напредувањето кон ЕУ и кон НАТО. Во Друштвото за Југоисточна Европа во Минхен се полни со пофалби за новиот црногорски премиер Лукшиќ, а Радуловиќ го истакнува и конечното смирување на духовите меѓу етничките групи. Дури и неодамнешниот попис на населението помина помирно од очекуваното, што за Радуловиќ е „огромен напредок во споредба со времињата зад нас“.
Автор: Мирјана Дикиќ/ Жана Ацеска
Редактор: Трајче Тосев