Одобрени спорните реформски закони
31 март 2014Дебатите во грчкиот парламент поминаа бурно. Пратениците на владата и опозицијата разменија тешки обвинувања. Најсилната левичарска опозициска партија Сириза демонстративно ја напушти паламентарната сала. Претходно беше одбиено нејзиното барање за гласање доверба на министерот за финансии Јанис Стурнарас. Шефот на Сириза, Алексис Ципрас, смета дека тој е одговорен за „смртта на грчкото општество и неговите граѓани“. Министерот за финансии од своја страна ја обвини Сириза за обид за „пуч во парламентот каков што досега не е виден“.
Во текот на ноќта пратениците сепак ги усвоија спорните закони за натамошни реформи и либерализација на работните пазари. 152 пратеници гласаа „за“, а 135 беа „против“. Законот за рекапитализирање на банките го поддржаа 151 пратеник, а 136 го одбија. Пред парламентот мирно демонстрираа околу 8000 Грци.
„Грција денеска направи огромен чекор (напред)“, изјави задоволно премиерот Андонис Самарас. Усвојувањето на законите се смета за предуслов за конечно да биде одобрена финансиската помош во висина од 10,1 милијарди евра на меѓунардните донатори.
Утре (01.04) во Атина треба да се одржи средба на министрите за финансии од еврогрупата, на која меѓу другото ќе треба да бидат одобрени новите кредити. Тие со месеци беа блокирани поради бавното спроведување на реформите.
Со реформите, за кои се залагаат меѓународните донатори, би требало да биде зајакната конкурентноста. Против планираната либерализација пред сѐ негодуваат аптекарите, а жестоко се критикувани и регулациите на цената на млекото.