Палмира е помалку уништена отколку што се стравуваше
29 март 2016Дали Палмира сепак помина без големи последици? Дали пустинскиот антички град може да се спаси? Раководителот на Управата за антика, Маамун Абдулкарим, по враќањето на Палмира во рацете на сириските сили е уверен: „Сметавме со најлошото, но сѐ на сѐ состојбата е добра“, рече тој за агенцијата АФП. Според него, Палмира би можела со помош на ОН да биде повторно изградена „како што беше досега“.
Статуата на лав може да се поправи
Абдулкарим вели дека чувствува „неопислива радост“. Директорот сака што е можно побргу да тргне од Дамаск за Палмира, за да може одблиску да ги процени направените штети.
„Најдобрата новост“ се однесува на познатата, 15 тони тешка статуа на лав, која беше уништена од страна на „Исламска држава“ во јули минатата година. Сите делови можат повторно да се состават и статуата може да се поправи, нагласува Абдулкарим. Заедно со ОН сега се водат разговори околу тоа како би можеле повторно да се изградат храмот Баал и храмот од Баалшамин, вели Абдулкарим.
Сомнеж дека е можна обнова на Палмира
Помалку оптимистични изјави доаѓаат од една соработничка на ОН. „Имам големи сомневања дека е можна повторна обнова на Палмира“, изјави вчера Ани Сартр-Фауриат за агенцијата АФП. Историчарката е дел од групата експерти на ОН кои се задолжени за Светското културно наследство во Сирија. „Кога ќе слушнам дека храмот Баал треба да биде реконструиран, се прашувам: како тоа да го изведеме? Тој е претворен во прав.“ Според нејзе, сигурно има други работи кои имаат предност во Сирија пред „повторно да се гради она што е руина“.
„Исламска држава“ ја освои Палмира во мај минатата година. Во месеците кои следуваа исламистите го шокираа светот со бруталните убиства во урнатините на античкиот град и со уништувањето на две гробници. Во неделата (27.03.2016) сириската армија соопшти дека Палмира е повторно во нејзини раце.