Палестинците се согласија на ново 72-часовно примирје
10 август 2014Палестинските преговарачи, кои ги претставуваат различни палестински фракции, изјавата ја дадоа под услов да останат анонимни, бидејќи нивната изјава се однесува на чувствителните преговори. Информацијата ја пренесуваат како американски медиуми, така и египетскиот државен весник „Ал-Ахрам“ на својата веб-страница.
Претходно оваа делегација официјално изјави дека го разгледува предлогот за ново примирје со цел да се расчисти патот кон нови разговори за долгорочно примирје во Појасот Газа.
Напуштени разговори поради обновени напади
Израел во текот на викендов ги напушти разговорите за примирје, откако милитантите ги обновија ракетните напади на југот на Израел. Денешната одлука на Палестинците е со цел да се врати Израел на преговарачка маса. Израел не одговори веднаш на одлуката на Палестинците.
„Ние сме тука за да најдеме договор. Не можеме да имаме договор без разговори, па го прифативме египетскиот предлог за примирје од 72-часа со цел - обнова на разговорите“, појасни еден од палестинските преговарачи.
Огримни човечки загуби
Во едномесечните напади се убиени повеќе од 1.900 Палестинци, меѓу кои и стотици цивили, а околу 10.000 други се ранети. Илјадници домови се уништени. Шеесет и седум лица се убиени на израелска страна, вклучувајќи и тројца цивили.
Вооружените пресметки запреа во вторникот, поради привремено 72-часовно примирје, за време на кое Египет се надеваше дека ќе успее да посредува во постигнувањето договор за долгорочно примирје. Но, милитантите го обновија гранатирањето кога на третиот ден истекуваше примирјето. Тоа предизвика нови гранатирања од израелска страна. Насилството продолжи и во текот на викендов, иако не со таква жестина како претходно.
Рано денеска Палестинците дури и се заканија дека ќе ги прекинат разговорите, ако Израел не се врати да преговара. Премиерот Бенјамин Нетанјаху веднаш им одговори дека „Израел нема да преговара под оган“. „Операцијата ќе продолжи до постигнување на целта – враќање на мирот на долг рок“, нагласи Нетанјаху, потсетувајќи дека уште од почетокот на воената акција посочил дека за неа е потребно време и трпение.
Да им се дозволи на Палестинците да направат држава
Во меѓувреме, денеска (10.08) од Јордан пристигна порака на адреса на израелската влада. Кралот Абдула Втори го предупреди Израел дека ќе ја постигне безбедноста за својот народ само преку мировен договор со Палестинците, кој ќе доведе до формирање на нивна сопствена држава.
Забелешката на Абдула доаѓа преку интервјуто објавено во независниот весник „Ал-Гхад“, откако се покажа дека бројот на жртвите од воздушните напади во Газа расте. Според јорданскиот крал, „Израел е одговорен за агресијата во Појасот“.