Оставка пред банкротот на Србија?
17 јули 2014Во моментот кога српската влада конечно усвојуваше важен сет реформски закони се случи (не)очекувана оставка на српскиот министер за финансии Лазар Крстиќ. Тој се повлече од владата затоа што не беа прифатени неговите предлози за остри мерки во јавните финансии: намалување на пензиите до најмалку 20 проценти, на платата во јавниот сектор за 15 проценти, отпуштање на 160.000 луѓе, поскапување на струјата за 30 проценти.
Вучиќ ваквите мерки не ги прифати. „Премиерот е со меко срце и затоа има толкава поддршка од народот“, наведе по оставката Лазар Крстиќ. Полуреформи, популизам, недостаток на инвестиции и економски раст - таа приказна може да заврши многу неславно за Србија, сметаат економските експерти.
Мерките на Крстиќ - безобразлук?
Предложените мерки на Лазар Крстиќ се најобичен безобразлук, оценува за Дојче веле Александар Стевановиќ од „Центарот за слободен пазар“.
„Тоа што тој го предложи е сеча со секира по некои стекнати права. Нам ни се потребни заштеди, но нам не ни се потребни заштеди во пензиите, платите на лекарите, платите на професорите и наставниците. Нам ни требаат заштеди таму каде што парите ’течат’ во милиони евра, а за што никој не зборува. Државните банки мораат да престанат да даваат буџетски кредити и ете ви само тука половина милијарда чиста годишна заштеда“, вели Стевановиќ и продолжува да набројува:
„Би требало да се престане со неразумната политика на субвенции, кои на големо се најавуваат. Потоа, треба да се прекине со тајните договори, кои и’ носат енормна штета на Србија. На пример, ’Ер Србија’ минатата година имаше загуба од 80 милиони евра, а тие се фалат со тоа. За останатите тајни договори не смеам ни да помислам какви ќе бидат резултатите. Единствено што барем би требало да се направи е отпуштање на барем 150.000 партиски вработени луѓе во јавниот сектор. Тоа се вистински заштеди, а не братската економија и тајните дилови да мораат да ги платат сиромашните пензионери и чесните работници, кои и’ се потребни на оваа држава“, наведува Стевановиќ.
Мекото премиерско срце
Изјавата на Крстиќ за „мекото срце“ е обид за правдање на премиерот, но сепак е скандалозна, вели во разговор за Дојче веле Билјана Степановиќ. главна уредничка на магазинот „Нова економија“.
„Премиерот на една земја не е тука за да има меко срце. Оној со меко срце оди во некоја хуманитарна организација за да работи таму. Премиерот на една земја, како што е Србија, мора да биде некој кој ќе повлече навистина тешки потези. Уште полошо е што премиерот призна дека не е во состојба да повлече потези кои мора да ги повлече. Претседателот на владата мора да ни соопшти што ќе направи, бидејќи ние тој одговор не го добивме. Бесмислено е во таква ситуација да се говори за реформи“, оценува Билјана Степановиќ.
Оставката на Крстиќ беше „спогодбена“ - барем така сите актери ги убедуваа граѓаните. Чудото од дете од Универзитетот Јејл би требало да остане во владата како советник со недефинирана позиција, а и да работи на ребалансот на буџетот, иако не се согласува со мерките на премиерот. Лудо е да се шири хармонична слика, смета Александар Стевановиќ.
„Хармонија можете да имате меѓу играчи со еднакви вредности, а Александар Вучиќ е сега 100 пати помоќен играч од Крстиќ. Крстиќ едноставно не сакаше да остане запаметен како министер за финансии на земја која банкротирала и затоа на време се извлекува од тоа место“, смета Стевановиќ.
Закон за работа - позитивен чекор?
Како дел од пакетот реформи, и тоа оној за кој изгледа се сложуваат сите во владата, денеска би требало да биде усвоен и Законот за работа. Синдикатите најавија протести и генерален штрајк против него, бидејќи сметаат дека ќе бидат препуштени на самоволието на работодавачите. Нашите соговорници меѓутоа не го делат тоа мислење и позитивно го гледаат новиот Закон за работа.
„Според досегашниот закон, кога некого еднаш ќе го вработите практично веќе не можете да го отпуштите“, вели Билјана Степановиќ. „Тоа доведе до тоа приватните работодавачи да избегнуваат да вработуваат работници на неопределено време и бара други модалитети. Промените во Законот за работа беа нешто на што инаку постојано инсистираа странските инвеститори“, напоменува таа.
Дали сега, кога законот е скроен по желба на инвеститорите, навистина ќе стигнат најавените инвестиции? Нема - сигурен е Александар Стевановиќ. „Можеби ќе имаме уште некои тајни дилови, но тоа не се инвестиции и подобро е тоа да го немаме. Можеме да очекуваме уште виртуелни инвестиции, како што беа ’Мубадала’, ’Мерцедес’, фабрика за чипови и слични работи. Можеме да очекуваме за ситни пари да продадеме некои од јавните претпријатија, кои инаку не би требало да се продаваат, а тука сериозни кандидати се ’Телекомот’, аеродромот и ’Електропривреда Србија’“, наведува нашиот соговорник. Тој смета дека сегашната власт ја продолжила погрешната политика на претходната, не сфаќајќи дека проблемот на српската економија е недостатокот од раст, а не дефицитот.
Банкрот?
„Прогнозата на Народната банка на Србија (НБС) е дека оваа година ќе има милијарда евра странски инвестиции, но јас не знам од каде ќе дојдат тие и во кои сектори, бидејќи само се најавуваат, ама не доаѓаат“, забележува Билјана Степановиќ. „Дури и да е точна таа минимална проекција, тоа не е доволно и е помалку од инвестициите што ги имавме во претходните години“.
Недоволно кратење на расходите и никаков раст на економијата и речиси непостоечки инвестиции - дали е тоа пресметка која води во банкрот? Јавноста веќе досега повеќепати дознаваше дека земјата е на раб на платежна неспособност. Александар Стевановиќ смета дека Србија со сигурни чекори оди кон банкрот и дека „само прашање на време е кога меѓународната заедница ќе соопшти дека Србија е земја која не ги исполнува своите обврски. Со дефицит кој се ближи кон износ од 10 проценти тоа е неизбежно“.