Опозицијата не успеа да ја стопира продажбата на тенкови
8 јули 2011Опозицијата не успеа во своите намери да ја стопира зделката тешка милијарди евра - трите барања на опозицијата за запирање на лиферувањето тенкови од типот „Леопард“ за Саудиска Арабија (едно до СПД, едно од Зелените и едно од Партијата на левицата), денеска беа одбиени од страна на парламентарното мнозинство.
Меркел инсистира на тајност
Германската канцеларка Ангела Меркел и натаму опстојува на правото на тајност на нејзината влада околу оспоруваната испорака на околу 200 тенкови за Саудиска Арабија. Одлуките на германскиот Совет за безбедност од разбирливи причини се тајни, изјави Меркел за весникот „Мителбајерише цајтунг“. Неопходната транспарентност се обезбедува преку годишните извештаи за експорт на оружје, рече таа.
Владини извори, неофицијално, потврдуваат дека кабинетот минатата недела ја одобрил продажбата, но претставниците, официјално, одбиваат да се изјаснат на таа тема.
Остри критики
Опозицијата, жестоко ја критикува зделката и тврди дека таа ги нарушува извозните правила во земјата кои забрануваат продажба на оружје на земји кои не се блиски сојузници во периоди на нестабилност. „Постојат сомнежи дека овие тенкови ќе бидат искористени за внатрешна репресија во Саудиска Арабија“, се наведува во опозициската резолуција.
„Да се продаваат тенкови на Саудиска Арабија која пред неколку недели испрати борбени возила за да се задуши демократски протест во Бахреин е шлаканица за сите демократски движења во регионот“, оцени социјалдемократот Гернот Ерлер.
Најдалеку засега отиде партијата на Зелените која поднесе тужба до надлежниот суд против производителот на тенковите, компанијата „Краус Мафеи Вегман“, надевајќи се дека на тој начин ќе ја натера владата да ги соопшти деталите од зделката.
Стратешка рамнотежа
Медиумите на Блискиот исток тврдат дека Саудиската монархија ги барала тенковите како противтежа на заканата од Иран. Владини извори во Берлин тврдат дека тоа била и основната причина поради која зделката била одобрена, а токму стратешките прашања, наводно се и основната причина поради која зделката мора да остане тајна.
Израелскиот заменик-министер за надворешни работи Даниел Ајалон во интервју за весникот „Билд“ вели дека неговата влада не знаела за зделката, но и дека нема ништо против неа. „Во природата на ваквите зделки е да останат тајни. Но, можам да ве уверам дека ние во целост и’ веруваме на германската влада“, изјави Ајалон, потврдувајќи притоа дека режимот во Иран е закана за целиот регион.
Проценките се дека целата зделка со тенковите е во вредност од околу 1,7 милијарди евра, но прецизните бројки ќе се знаат дури по објавувањето на годишниот извештај на владата за извоз на оружје.
Автор: Борис Георгиевски/дпа/афп
Редактор: Горан Чутаноски