Оли Рен за Бугарија и Романија пред Европарламентот
3 април 2006На почетокот од мај следи и официјалниот извештај на Европската комисија, при што фокусот е на проценката дали Бугарија и Романија можат да и пристапат на Унијата во планираниот термин на 1 јануари 2007-та или сепак целиот процес ќе мора да биде продолжен за уште една година. Гервалд Хертер се осврнува на состојбата во двете земји.
Запуштени детски домови, застарени атомски реактори, сомнителни тајни агенти и корумпирани државни службеници: ваквите стари клишеа за состојбата во Романија и Бугарија секако повторно се активираат со наближувањето на терминот за пристапување на овие земји кон ЕУ. И вистина е дека во Букурешт и Софија не е се‘ изменето од големиот демократски пресврт до денес. Но, од друга страна, мора да се признае дека има и огромен напредок. Она што на Европската комисија и‘ задава главоболки при обидот да го оцени развојот во двете земји се големите разлики по одредени подрачја. Така на пример, на европските експерти им требаше долго за да сфатат дека организираниот криминал во Бугарија не е маргинален феномен. Во оружените пресметки на разни криминални банди само во последниве 5 години таму животот го загубија 150 лица. Дел од овие пресметки се случуваше на улица, среде минувачите. Освен тоа организираниот криминал не се ограничува само на трговија со дрога или фалсификување евра, туку тој е многу присутен и среде легалниот стопански живот. Она што посебно загрижува во тој поглед е фактот што на бугарското правосудство уште не му појде од рака да осуди врвни мафијаши. Напротив таму се во тек допрва суштински реформи на системот: штотуку се донесуваат измени на Уставот, Министерството за правда стекнува нови надлежности, Државното обвинителство не може повеќе да манипулира според свое наоѓање и имунитетот на пратениците е ограничен. Додека ваквите реформски зафати успеат да сменат нешто во секојдневието на улиците во Софија и Пловдив – ќе мине уште многу време. Бугарите сметаат дека решавачки промени на старите структури може да донесе само приемот во ЕУ. На истото мнение се и поголемиот број Романци.
Така Европа се наоѓа пред нова огромна одговорност, од која нема бегање. И Романија не е полесен случај од Бугарија. И таму сенките на минатото се уште долги: реформите во јавната управа, во полицијата и правосудниот систем напредуваат со темпо на полжав; корупцијата е многу раширена. Наспроти сето тоа Романија во тековнава година смета со преку 8 милијарди евра странски инвестиции. Меѓу нив се и германските претприемачи, за кои Романија не е повеќе темна земја што ја карактеризира диктатура, туку земја на нови шанси за проширување на производството и пласманот. И во тоа се право, бидејќи тактиката на условувања и наградување што ја форсира ЕУ вродува со плод. Тоа секако не е во интерес на оние сили кои се обидуваат да ги сочуваат старите позиции и привилегии.
Брисел во секој случај не смее сега да ја прокоцка стекната доверба и треба да ги почитува постигнатите спогодби. Впрочем договорите за пристапување и на Бугарија и на Романија се веќе потпишани и многу што зборува во прилог на тезата дека обете ќе и‘ пристапат на Унијата уште на почетокот од наредната година. Тогаш Унијата ќе се протега се‘ до бреговите на Црното море. Тоа ќе биде огромна задача за Брисел, но се чини дека за обете страни е исплатливо да се соочат со предизвикот!