Олеснување во Берлин и Брисел
1 јули 2009Поддржувачите на процесот на натамошно продлабочување на обединувањето на Европа добија нов полет со вчерашната одлука на германскиот Уставен суд. Најважната вест при тоа е фактот што со мака постигнатиот компромисен реформски договор не мора повторно да се отвора и од почеток да се преговара за неговите одредби. Зашто, подобрувањата што ги побараа германските уставни судии, не се однесуваат на текстот на договорот од Лисабон, туку на внатрешно-германската распределба на надлежности.
Позитивни реакции
Шефот на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер, кој присуствуваше на објавувањето на пресудата во Карлсруе, очигледно со големо олеснување ја дочека одлуката, бидејќи сега нема да мора да се појави пред европските колеги со нови проблеми околу реформскиот договор.
Канцеларката Ангела Меркел кусо по објавувањето на пресудата порача дека ова е „добар ден за Европа“! Таа со ентузијазам објави дека пратениците од Бундестагот најавиле дека наскоро, а во секој случај пред крајот на овој легислативен период, имаат намера да ги исполнат барањата на Уставниот суд: „Така ќе можеме пред крајот на легислативниот период да ги исполниме условите и да ја завршиме и ратификацијата на Лисабонскиот договор.“
Позитивна е и реакцијата на шефот на собраниската група на опозиционите Зелени, Ренате Кинаст: „Левичарите и десничарите, кои поднесоа тужба против Лисабонскиот договор, на крајот загубија.“
Претставникот на Новата левица, Оскар Лафонтен, меѓутоа не смета дека неговата партија нешто загубила со одлуката на Уставниот суд. Напротив, тој тврди дека одлуката на Уставниот суд отишла дури подалеку од она што неговата партија можела да си го замисли и јасно укажала на демократските недостатоци во Лисабонскиот договор: „Ја знаете нашата позиција. За донесување на ваков договор, како што е Лисабонскиот, би требало да се спроведат референдуми во земјите членки на ЕУ. Добро е што сега Уставниот суд бара во одлуките да биде вклучен барем парламентот.“
За да го озбезбедат тоа, експертите во парламентарните одбори наскоро ќе седнат на маса за да ги подготват неопходните промени во придружниот закон во Германија, со кој Бундестагот ќе треба да гласа за секоја одлука на ЕУ, донесена според т.н. мнозински принцип, а не со консензус.
Оптимизам и во Брисел
Позитивни реакции дојдоа и од ЕУ. Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо порача дека по одлуката на германскиот Уставен суд тој е уверен оти до есен ќе биде заокружен процесот на ратификација во сите членки на ЕУ. Лисабонскиот договор, според него, е неодминлив за натамошното ефикасно функционирање на Унијата.
Со одобрување и олеснување реагира и шефот на собраниската група на социјалдемократите во Европскиот парламент Мартин Шулц, кој оцени дека сега е отстранета уште една пречка на патот за ратификација. Аргументите на евро-скептиците се отфрлени и уверен сум дека Лисабонскиот договор ќе биде комплетно ратификуван до крајот на годината, нагласи Шулц.
Лидерот на Либералната група во Европскиот парламент, Силвана Кох Мерин, пак, посочи дека Уставниот суд на Германија со право поставил услови и дека тие треба под итно да се вградат во соодветниот законски акт.
Според најавите од Берлин, Бундестагот треба да го одобри новиот текст на 8 септември, а 10 дена подоцна и горниот дом, Бундесратот. Тоа би било токму на време - како спроти германските парламентарни избори на есен, така и пред повторениот референдум во Ирска.
Автор: Петер Штицле/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска