Самитот ЕУ-Турција само меѓучекор
7 март 2016Политиката на канцеларката Ангела Меркел во бегалската криза веќе одамна почна да се менува. Со бројни мали чекори, можеби навремено за да се избегне пораз на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на изборите во три германски сојузни покраина во недела. Бегалците и мигрантите на кои канцеларката уште есеноска им изрази добредојде без ограничувања сега би требало да останат во Грција и што е уште подобро - веќе во Турција. Има доволно сместувалишта во Грција и не е неопходно опасното препловување на Егејското море, вели сега канцеларката.
Границата меѓу Грција и Македонија е речиси целосно затворена. „Ја затвораме Балканската рута“, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, сигурно не без договор со канцеларката. А тој истовремено упати и уште еден повик: бегалците би требало да останат дома. „Видливото“ намалување на бројот на бегалци, кое Ангела Меркел секогаш одново го најавуваше, сега е остварено. Тоа го овозможија Австрија и балканските држави со своите горни граници за прием на бегалци без обѕири кон Грција.
Одбивање наместо пропуштање
Тоа на канцеларката ѝ одговара, дури и ако постапката сѐ уште ја нарекува еднострана. Таа одбива утврдување на горни граници за прием на бегалците во Германија, бидејќи тој збор е политички стигматизиран и бидејќи сака да си го зачува образот. Но горна граница фактички веќе одамна е во сила, бидејќи сојузната влада одбива директно да ги доведе бегалците во Германија, заобиколувајќи ги балканските држави.
Политиката на пропушање на бегалците се претвори во политика на одбивање. Бегалците и мигрантите, на секаков можен начин, се враќаат на надворешните граници на ЕУ. Е, ако тоа не е промена на политиката...
Уште есеноска Меркел заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд ги прогласи правилата за азил на ЕУ за „опсолентни“, бидејќи веќе не функционираат. Сега тие правила, според кои за бегалците е надлежна членката на ЕУ во која прва ќе влезат, би требало повторно да важат. Промената е спроведена: Грција и Италија (која во моментов сѐ уште малку се споменува) би требало да ги прифатат бегалците, да ги регистрираат, одбијат. За Грција повторно да не потоне во хаос, одново ќе добие финансиска и организациска помош од ЕУ.
Последен адут: Турција
Проблемот пред сѐ би требало конечно да се префрли од Грција на Турција. Таа со широкогради отстапки од ЕУ би требало да биде придобиена бегалците и мигрантите воопшто да не ги пушта преку границата, а во секој случај назад од Грција да прифати поголем број лица кои таму се непожелни.
Цената која Турција би можела да ја бара е висока: укинување на визите, членство во ЕУ и нереагирање на Унијата на кршењето на човековите права во таа земја. Турците знаат дека се последен појас за спасување кој го има германската канцеларка за да успее да ја надмине кризата. „Европско решение“, тоа одамна го сфати прагматичната канцеларка, нема да има. Таа е наклонета кон „турско“ решение. Турција ќе биде прогласена за „безбедна држава“ за бегалците и мигрантите, што теоретски го прави нелегален секој обид за бегство на територијата на ЕУ.
Без брзо решение за Идомени
Но неизвесно е дали Турција ќе ги исполни своите обврски без гаранција дека раскараните членки на ЕУ од неа дирекнон ќе преземаат контингенти бегалци, значи легално, без мачниот пат преку Балканот. Веројатно ни овој состанок на врвот нема да донесе ветувања за прифаќање на бегалски контингенти. Мерките кои денеска ќе ги вети Турција ќе покажат резултат дури по неколку недели или месеци. Ќе бидат потребни уште неколку состаноци за да се протурка концептот на застрашување и, ако е неопходно, прераспределба на бегалците.
И така, ова нема да биде „судбоносен самит“ ни за канцеларката, ниту за Европската унија. Единствено ќе биде одлучено за судбината на луѓето вредни за сожалување, кои сега чекаат на границата кон Македонија или во бегалските кампови во Грција. Тие се првите жртви на промената на политиката кон бегалците. Уште колку ќе ги има? Секој ден доаѓаат сѐ повеќе.