Нови реформи на владината коалиција од Берлин
2 мај 2006Домаќинот, генералниот секретар на СПД, Хубертус Хајл, вниманието во своето обраќање го насочи кон воведувањето на 3% дополнителен данок за богатите. Тоа беше впрочем барање на неговата партија, што по долготрајните преговори во владината коалиција конечно ќе стапи на сила од 1. јануари 2007-та. Ова дополнително даночно оптоварување ќе важи за оние кои заработуваат повеќе од 250.000 годишно, ако се самци. Ако се во брак границата се удвојува на половина милион евра.
„Ако во оваа земја се неопходни промени, ако тие се тешки, тогаш мора да почиваат на социјална праведност. Оние кои имаат пошироки раменици во социјален смисол треба да дадат поголем придонес. Да не ни се случи токму оние кои бараат длабоки промени, а самите се доста имашни, да не бидат погодени од промените„ – нагласи Хубертус Хајл.
По барање на христијанско социјалната унија, овој данок нема да важи за приходите од претприемачка дејност. Ова е отстапка посебно за средните претприемачи во Германија, нагласи генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Седер.
Третиот од генералните секретари, оној на владеачката Христијанско демократска унија, ги појасни коалиционите заклучоци што се однесуваат на накнадата за родителство. Според конечното решение, еден од дорителите во семејството ќе може да добива до максимум 1.800 евра месечно и тоа цели 14 месеци доколку во тој период и таткото земе слободно од работа за да се грижи за детето. Доколку тоа не е случај, тогаш мајката ќе добива само 12 месеци т.н. родителска плата.
„Со ова се создава ситуација во која и татковците повеќе ќе се вклучуваат во одгледувањето на децата„ – појасни генералниот секретар на ЦДУ, Роналд Пофала.
А неговата сопартијка, министерката за семејни прашања, Урсула фон дер Лајен додава дека ова е само почетен чекор. За да се зголеми наталитетот неоходно е да се изградат многу повеќе детски градинки и јасли, како и да се создадат други услови за подобро поврзување на професионалниот со семејниот живот.