Нема членство во ЕУ без обврски
13 февруари 2009Во Бугарија и Романија и натаму тешко оди воспоставувањето правна држава, каква што е предвидена во ЕУ, оценува Европската комисија во новите преодни извештаи за реформите во правосудството во тие земји. Обете и натаму мораат да докажат дека имаат независно и стабилно правосудство, кое е во состојба да ги гони случаите на корупција, посебно кога тоа се случува на највисоко ниво, вели Комисијата. Таа оценува дека Бугарија во последно време направила мал напредок, додека состојбата во Романија е влошена. Обете земји пристапија кон ЕУ на почетокот на 2007 година со услов дека ќе прифатат помош од Европската комисија за реформа на правосудството и дека таа редовно ќе биде проверувана.
Извештајот е повод за следниов коментар на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“:
„Откако Бугарија и Романија се примени во ЕУ, нивните напори за воведување и спроведување норми на правната држава, најблаго речено, значително попуштија. Обете земји се и натаму со милји оддалечени од европските стандарди - и, како што сега функционираат нивните политички системи, не изгледа дека тие ќе можат (или ќе сакаат) да ги достигнат стандардите со сопствени сили.
Блокадата на европските пари, со која неодамна ЕУ ја казни Бугарија и сега и’ се заканува и на Романија, е најмалата санкција. Многу работи зборуваат за тоа, дека европскиот паричен благослов дури е причина за повторно засилено ширење на корупцијата и противправни борби за власт. Поинаку кажано: прогресивно затворање на паричната славина од Брисел би можело не само да покаже политичко дејство во Бугарија и Романија, туку и да придонесе за тоа, да пресушат тамошните мочуришта. Такви казни треба да бидат поука и за кандидатите за пристап: нема членство во ЕУ без обврски“.
ЕУ - Турција: попустливост, без возвратни потези, е погрешна стратегија
Европскиот парламент го критикува развојот во Турција остро како никогаш досега. Во заклучокот на Комисијата за надворешна политика се искажува „загриженост“ поради „продолженото забавување“ на реформскиот процес, а еден од пратениците го постави и прашањето дали „воопшто може да се зборува за реформи“. Пратениците на Турција посебно и’ префрлуваат за кршење на слободата на говор и печат, како и за пораст на тортура и полициска бруталност.
„Зиддојче цајтунг“ коментира:
„На острата критика од Европскиот парламент не и’ противречат дури ни оние, кои се за прием на Турција во ЕУ. Горка вистина е дека примамливоста на членството имаше многу ограничено дејство врз внатрешниот развој во Турција кон повеќе демократија и правна држава. Европа, значи, мора да се реши како понатаму ќе се однесува со Анкара. Притоа таа не треба да дозволи да ја засегне турската наклонетост кон демонстрирање навредена национална гордост или пак однесување како жртва на европската ароганција. Турција е таа, која сака да влезе во Европа. А ЕУ не поставува никакви неправедни барања.
ЕУ досега покажа многу обѕири во спорот околу царинска унија. Тоа не се исплати. Време е на Анкара да и’ се постави рок. Попустливост, за која за возврат ништо не се добива, е погрешна стратегија. Како оправдување не помага ни аргументот дека Турција и’ е потребна на Европа за енергетското снабдување, како што велат некои. Напротив, со тој аргумент Европејците сами се ставаат во положба Турција да може да ги уценува“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.