„Не можат да се исклучат поголеми немири во Грција“
21 октомври 2011На прашањето дали предвремени избори во Грција би можеле да помогнат за излез од ситуацијата, професор Хајнц-Јирген Акст, одговара:
„Не верувам. Ако може да им се верува на анкетите, се чини дека во моментов Неа демократија има десет проценти гласови предност пред ПАСОК, тоа се последните бројки што јас ги имам прочитано. Но, Неа демократија нема доволно за мнозинство во парламентот, па оттука би имале ситуација, која можеби би одела во насока на анархија. Не гледам можности за коалицирање. Се сомневам дека Неа демократија во вакви услови има желба за нови избори.“
Многумина политичари во Грција не се осмелуваат да излезат на улица. Замолен тоа да го коментира, Акст вели:
„Тоа се емоции кои сега зовриваат. Многу важно е прашањето - колку се смета за социјално праведна политиката на штедење и вкупната политика во Грција? Според моја проценка, во 2010 година, кога се‘ почна, имаше мерки за кои можеше да се каже дека се во голем дел во основа социјално праведни, но во меѓувреме, просечниот Грк мора многу да плати - кратење на личните доходи, зголемување на данокот на додадена вредност, зголемување на цените на потрошувачките артикли, како бензинот и.т.н. Тоа функционира, и се реализираат мерките за штедење, но при оданочувањето на оние што заработуваат добро работите ’заглавуваат’, па населението не е рамномерно погодено. Затоа, во Грција се шири чувството дека големите се извлекуваат, а малите мора да плаќаат. Поради тоа се зголемува притисокот врз политиката, се разбира и од страна на синдикатите.“
Дали треба да се стравува од поголеми социјални немири во Грција? Професорот по политички науки на Уницверзитетот Дуизбург-Есен, оценува:
„Тоа во никој случај не може да се исклучи. Она што во Грција, во актуелната ситуација е неопходно, тоа е постигнување национален консензус. Се разбира, кавгите меѓу партиите се дел од демократскиот систем, но има ситуации во кои одговорните политичари, а тоа пред се‘ се двете големи партии во Грција, треба да речат - по ова прашање сме партиско-политички неутрални и ќе постигнеме консезус за да се зачуваат интересите на Грција. Земјата во моментов е толку длабоко потоната, што секој одговорен политичар треба не да го гледа својот партиско-политички интерес, туку да придонесе за да се постигне консезус меѓу двете големи партии.“
Автор: Константинос Симеонидис / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Ж.Ацеска