Колку може да и’ се верува на Грција?
11 јули 2015Министрите за финансии на земјите од еврозоната во Брисел ги разгледуваат грчките предлози за реформи, кои треба да овозможат и трет пакет финансиска помош за презадолжената земја. Институциите на доверителите (поранешната Тројка) оценија дека грчките предлози можат да служат како „основа за нова програма“ од европскиот фонд за спас ЕСМ, „но клуч за се’ се реформи кои треба брзо да бидат спроведени“ - изјави еврокомесарот за економија Пјер Московиси. Кристин Лагард, шеф на ММФ, искажа надеж за „поголем напредок“. Институциите искажале и критика дека во грчките предлози недостасуваат детали и дека во некои делови тие биле „послаби отколку што би требало да бидат“.
На средбата на министрите за финансии од еврозоната денеска во преден план е прашањето дали воопшто ќе можат да бидат започнати преговори за нова помош за Грција според правилата на ЕСМ. „Сега е прашање дали земјите со најцврст став - Германија и балтичките држави - ќе може да бидат убедени“ - пренесува агенцијата Франс прес изјава од неименуван извор од кругот на преговарачите.
Довербата уништена, не треба однапред да се исклучи грекзит
Германскиот министер Волфганг Шојбле непосредно пред почетокот на министерската средба рече дека разговорите за Грција ќе бидат „екстремно тешки“, оти грчките предлози „не овозможуваат лесен резултат“. Не можеме да се препуштиме само на ветувања. Во изминатите месеци, па се’ до последниве часови, довербата е уништена на снефатлив начин, рече Шојбле. Германското министерство за финансии смета дека исходот од денешните разговори е целосно неизвесен.
Економскиот совет на ЦДУ- партијата на Шојбле и на канцеларот Ангела Меркел - се искажа против досегашниот курс за спасување на Грција. „Се’ додека нема сигурност за спроведување на структурни реформи, кои ќе ги олеснат инвестициите, не смее да има ни натамошна помош“, рече Волфганг Штајгер, генерален секретар на тој совет, денеска во Берлин. Тој ги предупреди донесувачите на решенија од натамошно одложување на банкротот на Грција и последиците од тоа за Европа и смета дека не треба однапред да се исклучи грекзит.
Отпишување на долговите - црвена линија за многу евроземји
Шефот на Еврогрупата Јерун Дајселблум изјави дека основен проблем е прашањето на довербата во тоа дали Грција ќе може да ги спроведе реформите. Грчките предлози не се доволни за да има трет пакет, оцени словачкиот министер за финансии Петер Казимир. Тој голем проблем гледа во тоа дали Грција долгорочно воопшто ќе може да ги враќа долговите. Притоа, според зборовите на францускиот министер Мишел Сапен, номинално отпишување на долговите не доаѓа предвид, оти тоа било црвена линија за повеќе земји во еврозоната. Според Сапен, во наредните денови ќе се разговара за олеснување на долговите за Грција.
Претседателот на Литванија Далиа Грибаускајте побара „далекусежни промени“ во предлозите поднесени од Атина и оцени дека шансите за пробив во текот на викендов се 50-50. Според холандски наводи, повеќе земји од еврозоната имаат задршки во однос на можната нова програма за Грција, првенствено во однос на тоа, дали Грција сака и може да ги спроведе сопствените предлози.
Отворен отпор на пратениците на Сириза против планот на Ципрас
Инаку, не е јасно ни колкав треба да биде обемот на евентуалниот нов пакет: Грција побара 53,3 милијарди евра за до 2018 година, но има и проценки дека за да се спаси од банкрот ќе и’ бидат потребни и до 82 милијарди. Во Брисел беше речено дека од ЕСМ би дошле 58 милјарди, од ММФ 16.
Без натамошна финансиска поддршка, на Грција и’ се заканува банкрот и можеби напуштање на еврозоната. Реформските предлози на владата на премиерот Ципрас ноќеска беа одобрени од грчкиот парламент. Во гласањето владата доби поддршка од опозиционите партии, но не и од сите свои пратеници во парламентот: осуммина беа воздржани, двајца против, а повеќемина беа отсутни!