Меркел од Израел бара компромис
27 август 2009Во фокусот на разговорите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со германската канцеларка и со шефот на дипломатијата се напорите за придвижување на блискоисточниот мировен процес. Друга тема ќе биде можното заострување на санкциите против Иран поради неговата атомска програма.
Меркел го повика Израел на подготвеност на компромиси во однос на прашањето за палестинска држава. Со Барак Обама како американски претседател, во моментов, постои добра шанса за напредување во поглед на посакуваното решение за постоење две држави. Овој погоден момент не смее да се пропушти, изјави Меркел за телевизијата Н24.
Обама на пат да најде компромис со Израел?
Нетанјаху вчера беше примен од германскиот претседател Хорст Келер, со кого исто така разговараше за блискоисточниот мировен процес. Пред посетата на Берлин, израелскиот премиер престојуваше во Лондон, каде се сретна и со специјалниот американски пратеник за Блискиот исток, Џорџ Мичел. Средбата од двете страни беше оценета како многу продуктивна и беше посочено дека имало напредок во политичките прашања. Според информации на израелскиот весник „Хаарец“, Нетанјаху и Мичел меѓутоа не постигнале согласност околу проблемот со израелските населби на Западниот брег.
Британскиот весник Гардијан, пак, пишува дека американскиот претседател Барак Обама е на добар пат да најде компромис со Израел во напорите за заживување на мировните преговори. САД сакаат на Израел да му ветат дека поостро ќе настапуваат кон Иран и дека со помош на Велика Британија и Франција преку Советот за безбедност треба да бидат издејствувани санкции против Техеран. За возврат Израел би требало да се согласи на делумно замрзнување на градењето доселенички населби на Западниот брег.
Компромисот би бил - Израел да се откаже од нови градежни проекти со државна поддршка, но да останат веќе започнатите. Израелскиот министер Јоси Палед, кој го придружува премиерот Нетанјаху во Берлин, изјави: „Можам само да ви кажам, врз основа на зборовите на премиерот Нетанјаху: ние ќе ги преземеме сите напори за да ги задржиме посебните односи со САД на начин што ќе можеме и натаму да соработуваме. Мислам дека е важно ситуацијата да им ја објасниме и на Европејците.“
Палестинците во секој случај најавија дека нема да ги продолжат мировните преговори со Израел се’ додека не запре градењето еврејски населби на палестинските автономни подрачја на Западниот брег и во Источен Ерусалим.
Автор: ЖА/ГЧ/афп/дпа/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска