Меркел задоволна од напредокот на Грција
23 септември 2014Грчкиот премиер Андонис Самарас во Берлин покажа самоувереност. Неговата земја ја надмина кризата, рече тој. По шест тешки години работите тргнаа напред. Притоа, Грција предвреме исполнила голем дел од целите. На пример, уште во 2013 година бил забележан првиот суфицит - една година порано од планираното. За годинава предвидувањата се дека суфицитот ќе биде и повисок. Успешно е реализиран и планот за рекапитализација на банките и запирање на рецесијата. Се намалува и невработеноста, која во моментов изнесува околу 25 проценти. Таа бројка е сѐ уште превисока, особено кога се работи за невработеноста кај младите, но „невработеноста стабилно се намалува“. Секако, мора уште многу да се стори, рече Самарас, но Грција сега веќе може да стои на сопствени нозе и не и е потребна дополнителна помош.
Излез од рецесијата
Меркел го потврди успехот во консолидацијата на државните финансии. „Радува тоа што доаѓаат позитивни сигнали и дека прагот кон растот наскоро може да биде достигнат“, рече германската канцеларка. Германија веќе и помага на Грција преку билатерални проекти, на пример, за помош за малите и средни претпријатија со кредити. Германското Здружение за меѓународна соработка (ГИЦ) помага во подобрувањето на здравствените услуги и во реформата на администрацијата. Самарас потврди дека двата проекти бележат успех.
Самарас под притисок
Следната недела во Атина повторно пристигнува делегацијата на т.н. Тројка меѓународни кредитори, кои ќе оценуваат дали Грција ги спроведува договорените реформи. Самарас тврди дека наскоро ќе презентира и нов пакет реформи. „Мојата земја се движи по курсот на реофрмите и тука нема назад“, рече тој.
Но, и покрај самоуверениот настап на грчкиот премиер во Берлин, во неговата татковина тој се соочува со проблеми. Денеска штрајкуваа вработените во државната администрација поради новите отпуштања. Министерствата и општините останаа затворени, а болниците примаа само итни случаи. Демонстрации има и во Атина и Солун. Многу Грци го обвинуваат Самарас дека го прифатил диктатот за штедење на ЕУ и пред сѐ на Германија и ја фрлил земјата во сиромаштија. Според анкетите, најпопуларна политичка партија е опозициската Сириза со 6 проценти предност пред демохристијаните на Самарас. Следните парламентарни избори се дури во 2016 година, но во февруари следната година претстои избор на нов претседател на државата во парламентот. Доколку ни еден кандидат не го добие потребното дво-третинско мнозинство, парламентот ќе мора да се распушти и да се свикаат нови избори.