Меркел, дејствувај!
19 март 2015Со недели германскиот и грчкиот министер за финансии, а со нив и медиумската јавност, се борат како да се непријатели, а не дел од една заедница. Најновиот скандал со наводно покажаниот или дигитално фалсификувано вметнат среден прст (од страна на грчкиот министер Варуфакис, н. з.) во едно видео уште еднаш јасно покажува дека нивото на дебатата веќе не е в ред. Сега Ангела Меркел во Бундестагот ја смени насоката: таа не долеа натамошно масло во огнот, туку повторно го насочи погледот кон многу позначајната целина на нештата. Тоа беше правилно и добро.
Многу работи се во игра
Меркел со право постети на тоа, дека во случајот со Грција станува збор за многу повеќе. Светот ја мери Европа според тоа како таа се однесува со кризата. „Светот не‘ набљудува“, рече Меркел патетично како ретко кога. Таа зборовите „верност на договорот“, што таа и натаму ја бара од Грција, ги стави покрај зборовите „готовност за компромис“ и „разбирање“. Меркел зборуваше и за поуките од минатото, од вековите на непријателство, како и дека еврото било израз на заедничката волја за соединување.
Се разбира, Меркел со избраниот тон можела веќе да го има пред очи фактот дека наскоро ќе има нов пакет помош за Грција и дека за тоа ќе и’ е потребна согласност од пратениците. За тоа секако не би било од полза некое зовриено расположение. Но, уште еднаш во игра се многу работи - и политички исто така.
Политичката карта на Европа би можела радикално да се промени. Оти, можеби левичарско-десничарската влада во Грција е само почеток. Би можела да следи Шпанија со партијата Подемос. Се заканува натамошно ширење на еден нов национализам: со Мари ле Пен на чело на Франција, Германија би загубила еден голем сојузник. А и останувањето на Велика Британија во ЕУ никако не е сигурно. Младите во кризните држави на југот на Европа сега растат побргу како кон Европа критички, отколку како од Европа воодушевени. Веќе има и први коментатори во Германија кои зборуваат за крај на проектот „обединета Европа“. Грција е израз на една поголема криза и би можела да биде распламтувач на пожарот.
Шефот ја презема работата околу кризата во свои раце
Меркел има намера да направи нов обид за повторно да ја стави кризата под контрола. Неофицијалната средба за Грција на маргините на самитот на ЕУ, како и поканата од Меркел до грчкиот премиер Ципрас да го посети Берлин, покажуваат дека таа сега сака да ја земе оваа тема во свои раце. Со кризи искусната Меркел ќе менаџира на нејзиниот вообичаен самоуверен и прагматичен начин. Тоа е добра вест за Европа.