Мекдугал бара почитување на малцинствата во Бугарија
11 јули 2011
Меѓу малцинствата со кои имала средби експертката на ОН за малцински права, Геј Мекдугал ги набројува и оние „кои сами се идентификуваат како етнички Македонци за да ги разбере нивните проблеми“. Мекдугал забележува дека во одредена мерка националното законодавство треба да се преиспита и со амандмани да се поддржи промоцијата и заштита на правата на малцинствата на локално ниво.
„Подеднакво, каде што локалните власти потфрлаат со примената на националното законодавство или политиките, посебно во однос на малцинските права, антидискриминацијата или интеграцијата на Ромите, треба да се соочат со ефективни санкции“, забележува Мекдугал во соопштението.
Институциите да ги зајакнат капацитетите
„Комисијата за заштитата од дискриминација и Народниот правобранител треба да добијат зголемени ресурси, а капацитетите да им се зајакнат за да се овозможи да се борат противдискриминацијата и да промовираат еднаквост во Бугарија“, забележува Мегдугал.
Најголем дел од соопштението Мегдугал посветува на положбата на Ромите, за кои вели дека се 10 проценти од целото население во Бугарија и за кои бара поголема финансиска поддршка од Владата во Софија.
Независниот експерт нагласува дека ова се прелиминарни нејзини погледи, а дека финалниот и детализиран извештај ќе биде објавен пред крајот на годината, а подоцна ќе биде презентиран и пред Советот за човекови права на ОН во Женева.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Борис Георгиевски