Македонското малцинство во Бугарија - членови на ОМО Илинден Пирин зборуваат за нивните права
29 јануари 2008Македонското малцинство во Бугарија, по зачленувањето на земјата во ЕУ не живее подобро во смисла на остварување на основните човекови права. Оваа оценка и обвинувањето дека Бугарија води кампања за асимилација на Македонците од пиринскиот дел ја изнесе Јордан Костадинов Иванов од здружението ОМО Илинден „Дали има подобрување за нашите културни манифестации во Пиринска Македонија? Не. На сите наши културни манифестации постојат пречки, проблеми и непријатности. Акции и тешки казни трпиме цела година. Бугарија ќе биде поагресивна, побрутална кон нас за ликвидирање на нашето национално движење во Бугарија.“
Наместо да овозможи услови кои ги наметнува Конвенцијата за заштита на национланите малцинства, Бугарија ја засилува антимакедонската пропаганда, вели Иванов кој живее во Сандански. Се жали дека без поголеми проблеми неможе да помине ниту еден одбид на Македонците во Бугарија да организираат собир по одреден национален повод. ОМО Илинден бара помош од македонската држава и интелектуалната јавност.
Македонците во Бугарија се обединети во неколку здруженија раскарани меѓу себе. Партијата ОМО Илинден Пирин не е регистрирана бидејќи бугарските власти ја укинаа во 2000та година со образложение дека органзира антидржавни активности. Членовите и активистите очекуваа дека партијата повторно ќе биде регистрирана откако европскиот суд за човекови права ги одби аргументите кои бугарската влада ги изнесе за непризнавање на партијата.
Во дебатите за правата на малцинствата во Бугарија некои европарламентарци се посомневаа во официјалната бројка на Македонци кои живеат во оваа земја. 5.071 Македонци според пописот од 2001 година, но во пописните документи немало категорија Македонци.