Македонската влада со остра реакција на скандирањето на грчката војска
10 август 2014Ваквите чинови, се оценува во владиното соопштение, подгреваат меѓудржавна омраза. Македонската Влада информира дека ги презема сите дипломатски чекори за осуда на овој и ваквите слични настани во Република Грција, кои не придонесуваат за промовирање на добрососедството и духот на соработката.
„Загрижува фактот што вакви недолични и нецивилизирани појави со години се повторуваат во Република Грција, а јавноста не се сеќава да имало официјално извинување и оградување од властите. Веројатно не им пречи кога Македонци, Албанци или Турци им ги оставаат парите како туристи, а надвор од тоа пеат дека ’ќе им ја цицаат крвта’“, се посочува во владиното соопштение.
Воедно, македонската влада посочува дека Европската унија ова го премолчува и толерира, „а не би требало“.
„Сведоци сме на прекумерни реакции за збиднувања во земјава, но редовно кога станува збор за ваков речник и настапи во Република Грција, кои рефлектираат и промовираат насилнички национализам, се премолчува. За доброто на европската идеја и вредностите кои таа ги промовира, неопходно е ваквите практики и брутални изблици на најрадикален национализам во државни структури да наидат на најостри осуди“, стои во реакцијата на македонската Влада.
Инаку, таа реагира откако на 15 јули на Јутјуб се појави нова снимка на која грчката војска скандира со омраза кон народите во соседството. Војниците на триминутната снимка маршираат во место и скандираат дека ќе им ја испијат крвта на Турците, скопјаните и на Албанците. Грчките војници ова го скандираат во една касарна, но такви пароли тие скандираа и надвор од воените објекти. Таков е случајот од 2010 година, кога на парадата по повод Денот на независноста грчките војници скандираа дека ќе прават облека од кожата на скопјаните.