„ Лицата на ренесансата“ се претставуваат во Берлин
7 септември 2011Штефан Вепелман многу радо укажува на влијанието на уметноста врз сегашноста. Токму сега, во актуелната изборна кампања во Берлин, на изборните плакати може да се види колку е моќен култот на портретот. Имено, одделни партии целно се рекламираат со лицата на нивните кандидати и кандидатки. Ништо подобро не би направиле ниту де Медичи пред 600 години, кои го насликале нивното семејство во Фиренца и сликата насекаде ја распространиле со цел да му покажат на светот надвор од италијанските граници кој го има главниот збор во земјата. Инаку, семејството де Медичи во 15 и 16 век во Фиренца било едно од најбогатите и највлијателни во земјата: „Секое уметничко дело од раната ренесанса треба да предизвика почит. Или кон уметникот и неговите уметнички способности, или , пак, кон луѓето што биле насликани, поради делата што ги правеле. Или едноставно почит кон уметничката способност што овозможува посебно естетско уживање“, објаснува Штефан Вепелман.
Тој е кустос за италијанската и шпанска уметност од доцниот среден век и раната ренесанса во државниот музеј во Берлин. Освен тоа, тој е одговорен за големата изложба „Лицата на ренесансата“. Џовани Белини, Доменико Гирландајо, Сандро Ботичели и Леонардо да Винчи се само дел од уметниците, кои влијаеа врз европската културна епоха и чии дела ќе бидат преставени на изложбата: „Портретот е феномен што се создаде одеднаш и тоа околу 1440 година, а потоа многу брзо се рашири како техника на сликање. По се’ изгледа дека интересот на уметниците за поединецот настанал од религиозните слики, каде во пред план биле прикажани фигурите на заветувачите како клечат на колена. Тоа биле всушност луѓето кои платиле за сликата и кои потоа побарале да ги насликаат како молат или питаат. Од овој контекст се развила желбата лицата да се овековечат како автономни портрети“, објаснува Вепелман.
Како настанала епохата на ренесансата?
Оваа епоха подоцна била наречена ренесанса. Во превод тоа значи преродба или нов почеток. До денес на ренесансата и‘ се препишува почетокот на индивидуализмот и истакнување на личноста. Освен тоа, ренесансата е уметност која во фокусот ја става убавината, совршеноста, имитација на природата. Тоа не само што ја внесе геометриската перспектива во сликата, туку доведе до оживување на портретирањето во сликарството. Од времето на доцната Антика портретите немале речиси воопшто никаква улога, но во ренесансата богатите трговци, кнезови, банкари, високите клерици, научници и уметници почнале да плаќаат за да им се овековечи ликот. „За разлика од денешните портрети направени со нашите дигитални апарати и нивното повеќекратно умножување, во раната ренесаса портретите биле апсолутна реткост. Оној што бил насликан на портретот или бил заслужен за делата што ги правел или пак, имало некој специјален повод за тоа. На пример, венчавка.“
Сликањето портрети било вистинска реткост во тоа време
Младите жени, за кои се барал младоженец, на портретите се стилизирани како доблесни, чисти, со богат мираз и добро потекло. Тие носат скапи фустани, а со нивната убавина сигурно би ја краселе секоја куќа. Оние, пак, штотуку омажените биле претставени со целиот нивен мираз. Со цел секој да види од колкаво значење е венчавката меѓу двете семејства. Понекогаш на портретот бил насликан и грбот на семејството: „Тоа не се случува често во животот. Затоа, од повеќето личности на ренесансата постои само по еден портрет. Многу ретко се случува да има повеќе портрети од една личност. Таков е примерот со Џулијано де Медичи од кој добивме четири или пет различни портретски форми и тоа само од работилницата Ботичели. Ова е уште еден знак од кој се гледа кој е моторот на уметноста на портретирање. Тоа е истакнување на личноста“, вели Штефан Вепелман.
Инаку, изложба „Лицата на ренесансата“ освен во Берлин ќе биде презентирана во уште 50 други музеи во светот, како оние во Париз, Лондон и Њујорк.
Автор: Силке Бартлик / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Симе Недевски