Лавров во Белград
16 јуни 2014За време на средбата на Ивица Дачиќ и Сергеј Лавров треба да биде потпишан План за консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји за периодот 2015-2016 година. Лавров во Белград треба да води разговори и со српскиот премиер Александар Вучиќ и претседателот Томислав Николиќ.
„Ќе бидат разгледани детално сите апсекти на билатералните односи, ќе биде проценет текот на реализацијата на поставените задачи и ќе бидат одредени новите правци на соработка“, рече во Москва претставникот на руското Министерство за надворешни работи Александар Лукашевич.
Според него, посебен акцент треба да се стави на унапредување на политичката соработка во духот на Декларацијата за стратешко партнерство на Србија и Русија, потпишана во мај минатата година во Сочи.
Лавров со српските преставници ќе разговара и за меѓународните прашања, како и за состојбата на Балканот. Важно место во дијалогот меѓу Белград и Москва традиционално има и економската соработка, се истакнува од руското Министерство за надворешни работи. Двете страни ќе разговараат и за проектот Јужен тек, но и за реконструкцијата на српските железници со помош на рускиот кредит од 800 милиони долари.