Критики за лапсусите на Етингер
13 септември 2011Голем број европарламентарци се лути поради изјавите на Гинтер Етингер. Критиките се бројни дури и во неговата матична ЦДУ-ЦСУ во Европскиот парламент. Шефот на конзервативната фракција Вернер Ланген вели дека Етингер ја претворил целата акција за спасување на еврото во шега.
„Мислам дека тоа е апсурдно. Не мора да се повлече од функцијата, но мора да покаже повеќе сериозност. Не беше 1. април туку 9. септември, кога ја даде изјавата. Би му препорачал да се извини и да продолжи со работа“, изјави Ланген.
Некои пратеници се толку лути на неговите изјави што планираат да му испратат писмо на Етингер со барање да поднесе оставка или во најмала рака да се извини. Стотина парламентарци веќе најавија подготвеност да го потпишат писмото. Во најголем дел, тие се од земјите кои се соочуваат со должничката криза. Мнозинството од германските европарламентарци нема да потпишат.
Бернд Ланге од фракцијата на социјалдемократите вели дека Етингер во иднина треба да биде поумерен. „Тој зборува без да размисли. Тоа според мене може да биде катастрофално, бидејќи тој досега водеше добра политика на полето на енергетиката. Неговиот предлог е катастрофален и за него не треба воопшто да се дискутира“, вели Ланге.
Реакциите нема да стивнат
Идеите на Етингер веројатно се развивале во текот на долга вечер со многу грчко вино, проценува пратеникот на Либералите, Јорго Шацимаркакис. Поинаку тој не може да ги објасни предлозите на еврокомесарот.
„Овие земји кои се борат со негативното салдо во нивниот буџет, не смеат да очајуваат. Тие и не очајуваат, туку се борат заедно со своите сограѓани секојдневно за да ги остварат програмите за штедење. Сега се чувствуваат како удрени по глава, бидејќи Етингер отиде предалеку“, смета Шацимаркакис.
Состојбата е премногу сериозна за да се дебатира за предлогот на Етингер, велат европарламентарците. Од друга страна, неговата идеја очигледно ја погоди Европа во слабата точка. И затоа критиките кон Етингер се‘ уште не се стивнати.
Автор: Леон Штебе/Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска