Криза која тлее далеку од очите на светот
1 април 2014Во фабриката за производство на бетон на работ на Појасот Газа непосредно до границата со Израел е мирно. Машините стојат, единствен звук кој ја нарушува утринската тишина е моторот на беспилотното летало на израелската армија, кое го надгледува пограничниот регион. „Некогаш со работа започнувавме во шест часот наутро. Сега не започнуваме пред 12. Низ тунелите едноставно не пристигнува доволно цемент“, велу Абдула Муштаха, млад инженер и шеф на погонот за производство на бетон. Она за што говори всушност е подземниот тунел кој Појасот Газа го спојува со Синајскиот Полуостров, односно со Египет. Но откако во Египет на власт е воена управа, прометот низ тунелите значително се намали. И тоа не ја погаѓа само економијата на оваа енклава на брегот на Средоземното Mоре, туку и целокупното население.
„План Б„, ама и „План Ц“ и „План Д„
Блокадата на Појасот Газа од страна на Израел која е официјално насочена против властодржците во Појасот - исламско-радикалната група Хамас, најмногу се разбира го погодува цивилното население. За 1,7 милиони граѓани на Појасот Газа секојдневието пред сѐ значи едно: борба за опстанок. Владеењето на Хамас и блокадата од страна на Израел во меѓувреме траат повеќе од седум години. Малите стопанственици се снаоѓаат како знаат и умеат.
Фирмите како онаа на информатичкиот стручњак, Сади Лозон страдаат пред сѐ поради честите прекини во снабдувањето со електрична енергија. „Ние ги имаме подготвено сите можни извори на струја. Честопати напојувањето прекинува и по 12 часа и затоа секогаш треба да се биде подготвен за импровизација“, вели Лозон додека го покажува регалот полн со акумулатори. Овој претприемач чија фирма е специјализирана за дизајн на интернет страници не може да си дозволи пауза.
„И овака е доволно тешко да се убедат муштериите во тоа работата да му ја доверат на некое претпријатие од Појасот Газа. Затоа не смееме да си дозволиме работата да трпи поради прекините на снабдувањето со струја“, вели Лозон. „Како и секоја друга фирма во светот и ние работиме според 'План А'. Нормалните претпријатија се разбира имаат и некаков 'План Б'. Но, овде е потребно да се има и 'План Ц' и План Д'“, вели Лозон.
Никогаш полошо
Но, лошата економска ситуација не е единственото нешто што го мачи населението на Појасот Газа. Авторитарниот начин на владеење на Хамас, на таа политичка сила и донесе многу непријатели во последните седум години. Мухамед ал Дајах, сопственик на мала работилница за поправка на генератори, стравува за иднината на својата татковина. „Јас имам 76 години, но волку лоша ситуација не сум доживеал. Секогаш имало подобри и полоши периоди, но, ова трае веќе шест, седум години“, вели Ал Дајах. Неговата работилница е речиси без работа, затоа што граѓаните и покрај проблемите со снабдувањето со електрична енергија едноставно повеќе немаат пари ниту за гориво, ниту за генератори, а така и не ги користат. „Владата мора да се погрижи за тоа да има повеќе работа, а не сето да стои вака со години“.
Страв од враќање на војната
Покрај сите материјални и егзистенцијални грижи, наслението на Појасот Газа, живее во вечен страв од нови вооружени судири. Пред неколку недели ситуацијата ескалираше откако Израел со воздушни напади одговори на испалувањето на ракети од страна на екстремистите во Појасот врз израелските градови во близина на границата. Примирјето меѓу Израел и Хамас, склучено во 2012. година е покревко од кога и да е.
Набљудувачите стравуваат дека помалите милитантни групи во Појасот Газа, но и самиот Хамас, излез од актуелната ситуација би можеле да побараат во ескалација на насилството. Неодамна и Обединетите Нации предупредија на опасноста од повторна ескалација на судирите. „Кризата во Појасот Газа не толку видлива како на други места. Но, ние не можеме да си дозволиме да чекаме кризата да ескалира. Мораме да дејствуваме и тоа бргу“, вели Роберт Тарнер од ОН кој ја координира помошта за палестинските бегалци.
Населението во Појасот Газа е резигнирано: „Во моментов живееме како кокошки кои со заоѓањето на сонцето заминуваат на спиење. Улиците навечер се пусти. Како да живееме во состојба на вечен штрајк. А единствено што сакаме е да живееме како сиот нормален свет“, вели Ал Дајах.