Крај на измамите
22 јули 2008Ниедна служба во Србија не знае каде се Караџиќ и Младиќ. Оваа изјава минатата недела ја даде српскиот министер задолжен за соработка со Хашкиот трибунал. А потоа во едно белградско предградие го уапси најбараниот осомничен воен злосторник во Европа и тоа според првите информации, во автобус на градскиот сообраќај. Сите гласини, како на пример дека Караџиќ се крие некаде во Русија или не може воопшто да биде препознат поради извршена операција на лицето, се покажаа како неточни. Очигледно, тие беа дел од целното прикривање на досегашната српска влада под водството на Војислав Коштуница.
Притисокот треба да продолжи
Апсењето освен тоа покажа дека притисокот од ЕУ врз Србија бил правилен. Тој треба да продолжи се‘ додека генералот на Караџиќ, Ратко Младиќ и водачот на хрватските Срби, Горан Хаџиќ, не се најдат во ќелиите на Трибуналот на ОН во Ден Хаг. Досега сите земји од ЕУ не беа единствени кога се работеше за бескомпромисен приод и барање апсењето на сите обвинети да биде главна претпоставка и утврден услов за приближување на Србија кон ЕУ. Само Белгија и Холандија ја одбија примената на веќе потпишаниот договор со Србија. Да се надеваме дека овие земји ќе останат консеквентни и како и досега ќе останат на ставот дека сите осомничени воени злосторници мора да бидат израчени.
Враќање на довербата во меѓународната заедница
Во секој случај, меѓународната заедница мора активно да ја поддржува новата влада на Србија. Ненадејното апсење беше храбар чекор нанапред. При сите пофалби меѓутоа не смее да се заборави дека до целта недостасуваат уште два важни чекора. Само така може да биде преработено темното поглавие на поновата српска историја. А тоа не е важно само за Србија. Во соседната БиХ роднините на жртвите на Караџиќ речиси тринаесет години чекаат на правдата. На мајките од Сребреница апсењето на Караџиќ нема да им ги врати синовите и мажите. Но, чувството дека по долго чекање правдата сепак победила, ќе им помогне полесно да го сносат своето страдање. На Блакн одамна се шират гласови за наводен договор со Караџиќ, според кој нему му е гарантирана слобода во замена за повлекување од политиката. Со апсењето на Караџиќ на босанските жртви им се враќа загубената доверба во меѓународната заедница, иако многумина се‘уште сметаат дека е можен ваков договор.
Сега психијатарот по потекло од Црна Гора, може некои меѓународни протагонисти на Балканската трагедија да ги доведе во непријатна ситуација со непријатните вистини. Но, тоа ќе помогне за расветлување на последните балкански војни, иако поради тоа нема сите да бидат среќни.