080210 Bundeswehr Nachwuchs
22 март 2010Во Германија наскоро ќе дојде до сериозно намалување на бројот ученици поради ниската стапка на наталитет од последните години. Затоа армијата уште сега ги засилува напорите за обезбедување доволно војници, меѓу другото и преку посетите на училиштата.
Поручникот Норман фон Палубицки стои и ангажирано им се обраќа на околу 25 ученици од гимназијата „Сели Бајн“ во градот Белиц. Неговиот проектор штотуку покажува три тенка во снежен пејсаж: „Ова е мојот Бундесвер. Тоа е борбен тенк тежок 62 тони, со 1.500 коњски сили и потрошувачка на гориво од само 4 литри - на еден километар. На него се обучував и го возев цели три години.“
Успешен пример
Поручникот Палубицки е висок речиси два метри и носи сива униформа. На учениците им објаснува како ја минал обуката во тенковската единица, потоа како студирал на Воената академија во Хамбург и како направил навистина одлична кариера. Тој уште нема ни 30 години. На внимателните ученици им појаснува дека на војниците им се отвораат широки полиња за студирање, бидејќи можат да одберат една од 50-те професии, како на пример дипломиран инжењер за транспорт. Некои ученици го потпрашуваат што тоа поточно значи: „Тоа секако нема многу врска со одмор и туристички агенции. Тој експерт е задолжен за испраќањето на одреден број војници, заедно со нивната опрема, на некое место каде треба да служат во странска мисија, на пример.“
Чувствителна тема
Кога доаѓа темата за странските мисии на германските војници, поручникот Палубицки не ја продлабочува многу, бидејќи не сака никого да исплаши. Сепак, за волја на вистината појаснува:
„Тоа не е без опасности, тоа мора да ви биде јасно и со таа тема треба добро да се конфронтирате. Такви работи, како странските мисии, спаѓаат во нашата професија.“
На Палубицки му е јасно дека потрагата по нови војници за германската армија ќе станува се’ потешка и потешка. Затоа Бундесверот навреме работи на создавањето добар имиџ. Палубицки во тој контекст има до 200 предавања годишно на разни училишта ширум Германија.
Несекаде добредојден
Овде, во гимназијата во Белиц, тој е радо виден гостин. Директорот Јирген Шварц порачува: „Бундесверот може да понуди атрактивни професии, кои се добро платени, а згора на тоа го финансира и студирањето. Тоа е неповторлива понуда во денешниот скап свет.“
Предавачите од Бундесверот не се секаде толку добродојдени како во Белиц. Во некои германски училишта тие не наидуваат на топол пречек. Посебно на истокот на Германија, каде Партијата на левицата е многу силна, има дури и демонстрации против армиските предавачи. Оваа партија е особено загрижена поради трендот на зачестување на ваквите манифестации, на кои армијата си прави реклама и се обидува да привлече нови војници.
Има ли интерес?
Покрај поручникот Норман фон Палубицки долго стои ученикот Тобијас Крумпман, кој може да се замисли да стане војник: „Таму може многу што да се постигне, нудат добар почеток во кариерата. Затоа ми се допаѓа армијата.“
Околу 4 до 5 од вкупно 25-те ученици присутни на предавањето на поручникот Палубицки размислуваат сериозно за таа можност. Останатите се дојдени од чист интерес: „Овде сум од љубопитност, едноставно да чујам што се случува во Бундесверот при обуката и студирањето. Од една страна мислам дека тоа е во ред, но од друга лично сум противник на насилството, значи имам амбивалентен став“, појаснува ученикот Матес Гуче.
Автор: Хајнер Кисел/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска